(Видео) „Спејс икс“ успешно полета во орбитата со четворица цивили


Со ракетата „Спејс икс“ на Илон Маск во вселената полетаа првите четворица вселенски туристи – цивили.

Мисијата „Inspiration 4″ е првата која се одвива во орбитата на Земјата без професионални астронаути. Летот на ракетата „Спејс икс“, која стартуваше денеска во два часот утрото по средноевропско време од Кејп Канаверал во Флорида, е изнајмен од американскиот милијардер Џаред Исакман, основач и извршен директор на компанијата за обработка на плаќања „Shift4 Payment”, воедно и искусен пилот.

Официјално не е соопштена точната сума што тој ја платил за летот, но „Тајм магазин“ објави дека четирите места за вселенскиот лет чинеле 200 милиони долари.

Остатокот од тимот го сочинуваат Хејли Арчнук, 29-години, која преживеа рак на коските, асистент на лекар, Крис Семброски, воздухопловен инженер, ветеран на воздухопловство и поранешен советник на вселенскиот камп, Син Проктор, специјалист за научни комуникации и професор на локалниот факултет од Тампа, Аризона.

Вселенското летало „Crew Dragon” на „Спејс икс“ ќе лета подалеку од орбитата на Меѓународната вселенска станица, тоа е управувано од автопилот и по потреба може да се управува од Земјата.

Вселенското летало е опремено и со посебна набљудувачка купола за туристите – астронаути да можат да уживаат во глетките во вселената на околу 575 километри височина.

Конкурентските фирми „Virgin Galactic” на Ричард Брансон и „Blue Origin” на основачот на „Амазон”, Џеф Безос, на богатите туристи досега им понудија само неколку минути во бестежинска состојба.