Специјален сообраќаен режим: Здравко Чолиќ се радува на концертот во Скопје
Специјален сообраќаен режим ќе биде организиран на 15 јуни, пред почетокот на концертот на балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (67) во 21 часот на Градски стадион. Вратите ќе бидат отворени од 17 часот, а се очекува 60-илјадна публика од земјата и регионот.
Како редовен гостин во Скопје, Здравко се радува на концертот на отворено, се надева на убаво време, а организаторот „Прагма продукција“ вети невидена пиротехника на сцена, светлосни ефекти, гудачки оркестар и специјални гости.
Еден месец пред концертот, Чолиќ денес одржа прес-конференција во главниот град. Во Скопје е од вчера, а ќе остане до среда. Престојот е заради бројните интервјуа и гостувањата во телевизиските емисии. Сместен е во хотелот „Александар палас“, а времето ќе го искористи и за прошетка низ престолнината.
-Секогаш сум среќен кога пеам пред македонската публика која ги сака моите песни. Пораката секогаш е љубов, мир, пријателство и заедништво. Колку се сеќавам, најпосетен концерт ми беше тој во 2008 година, на плоштадот со англиската атракција „Шугар бејбс“ која се собра 120-илјадна публика, изјави денес на пресот Чолиќ.
Облечен во тегет сако и мантил, поп-ѕвездата во екот на Евросонг, се потсети и на својот настап со хитот на Кемал Монтено, „Гори ватра“ кој секогаш е на неговиот репортоар.
-Таа песна како победничка на Опатискиот фестивал учествуваше на Евросонг во Луксембург. Ми остана во убаво сеќавање, беше на почеток на мојата кариера, дури добив понуда и од „Ворнер брадерс“. Во тоа време беше голем настан, и сега е така, иако е повеќе искомерцијализиран, а песните помалку остануваат во сеќавање, изјави Чола.
Балканската поп-ѕвезда сѐ уште снима хитови и спотови, држи концерти кои се секогаш распродадени, изгледа одлично, брчките можат на прсти да му се избројат. Не е скандалозен тип, слободното време го минува со семејството и пријателите, сам ја избира гардеробата и во ланското интервју за „Независен весник“ откри за да биде во топ-форма, мора да има внатрешен мир. Не размислува за музичка пензија. Додека го служи телото и гласот, ќе пее и понатаму.
Здравко лани направи два спектакуларни концерти во Скопје.Ѕвезда и мангуп цел живот, никогаш не е здодевен иако ги знаеме наизуст старите хитови но и новите песни. ВИП Арената беше преполна со среќни луѓе, жени, мажи и деца од сите генерации, носталгични по едно убаво време, но и радосни што Чола со новиот албум ни донесе симболично уште „Она малку среќа“.
Здравко, секогаш елегантен, и со подолга пуштена коса, уште го сакаат дамите, а на мажите им е како идол. И да ни пее секоја вечер Чола во Скопје, не ни е доста. Тој ни е во крвта. За цел живот. (Л.С.)
Фото: Б. Грданоски