Спасов можел и да го прошета светот


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Убиецот на Мартин Нешкоски последната дозвола од штипскиот суд за да прави операција ја добил на 31 јули. Урологот што го оперирал од кила му препорачал на Игор Спасов два месеца да мирува во домашни услови и на 18 септември во судот да донесе медицинска документација дека ги спровел медицинските зафати. Но Спасов воопшто не се појавил во судот, а судот никого не известил дека не донел медицинска документација, туку чекал да помине уште еден месец сам да се врати во Идризово. И, кога Спасов не се врати во затвор, јавноста се крена на нозе и се дозна дека Спасов никој не го контролирал додека се лекувал надвор од затвор и дека не доставувал ни медицинска документација. Фактички Спасов имал месец и половина да избега и не само да ја напушти земјава туку да го заврти целиот свет, а ниту една институција да не забележи дека затвореникот што требало да се лекува го нема.

Претседателот на штипскиот суд си доби уште еден мандат, а на портпаролката на судот ѝ забрани да дава изјави за јавноста. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој му е најблизок соработник на премиерот Зоран Заев, и за ова бегство нема никаква вина и пак треба да го „испере“ тоа што другите институции го забошотиле. Сите институции се правдаат дека постапиле законски, а затвореникот избегал. Очигледно, какви и да има закони кај нас, институциите ќе најдат некоја дупка и ќе покажат дека системот не ни функционира. Игор Спасов во родниот град Штип, каде што се лекувал, сигурно имал многу пријатели и имал моќ како долгогодишен специјалец и човек кој се движел во круговите на обезбедувањето на највисоките политичари. Сега јавноста се прашува дали можеби некој му направил услуга, дали Спасов поткупил некого за да го забошоти неговото бегство и зошто му било продолжувано лекувањето повеќе од една година?

За овие прашања најверојатно нема никогаш да има одговор, како што има нема одговор ниту за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Дури и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска вели дека не знае никакви детали за истрагата што се води кај нив за бегството на поранешниот премиер, дури не знае ни дали во Обвинителството бил повикан министерот Спасовски. Клучните снимки од Албанија исчезнаа, Интерпол не ја објавува потерницата и нема докази дека некоја институција погрешила и му допуштила на Груевски да избега. Премиерот Заев се силеше дека ќе се истражува кој дозволил Груевски да побегне, се сомневаше дека можеби бил киднапиран, за на крајот да ги потврди тврдењата на самиот Груевски дека сепак тој кога заминал од Македонија бил слободен човек и дека било многу битно да се почитуваат неговите човекови права. На крајот, додека обвинителството утврди кој бил виновен зошто Груевски избегал, може власта да се смени и Груевски триумфално да се врати назад како слободен човек.

Сепак, во овие неколку години владеење на СДСМ ќе остане запаметено дека ни побегнаа клучните луѓе што требаше да одговараат за деценискиот криминал, разузнавачите кои беа клучни сведоци за масовното прислушување, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Груевски, кој сега како бегалец е виновен за сè, но и клучниот обвинет за крвничкото тепање на пратеникот Зијадин Села на 27 април во Собранието, Никола Војминовски. Тој им избега на истражните органи од домашен притвор, можеби како награда за сведочењето против другите обвинети за крвавиот четврток. Доказ дека институциите не функционираат е и интервјуто на Русковска на „24 Отворено“, кога ладнокрвно изјави дека тие како обвинителство нема да го бараат кртот во институциите кој го сликал и им го пратил на новинарите исказот на Орце Камчев, кој беше јавно објавен. Обвинителката не го барала кртот за не им создава непријатности и да не ги вознемирува вработените кои евентуално би можеле да го пратат исказот од институциите. Требало да им ги земаат телефоните на неколку месеци и да се вештачат, а немало доволно форензичари. Сепак, никому не му е грижа дека нам, на граѓаните, ни е со години страшно непријатно да гледаме како ни пропаѓа системот и како сериозните истраги завршуваат како фарси.