Спасоносното решение на академик Коцарев
Само треба интелектуалните елити, македонскиот народ и македонските политички партии да ги раскинат велепредавничките договори со Грција, со Бугарија и со ЕУ и работата е завршена
(Колумна за Дојче веле)
Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во својата анализа објавена во „Нова Македонија“ го понуди познатото и веќе објавено спасоносно решение кое ќе го спречи исчезнувањето на Македонците. Тој со научен пристап на претпоставки, потпирајќи се на „Орвел 1984“, во својата пародија го одреди точниот датум на исчезнување на сѐ што е македонско, вклучувајќи го и последниот Македонец во 2084 година. Во суштина, Коцарев открива дека Орвел кога пишувал за „последниот човек на Европа“ веројатно мислел на Македонците, само сто години подоцна.
Решението е многу едноставно како и голем број научни откритија. Само треба интелектуалните елити, македонскиот народ да го следат неговиот генијален изум и да ги раскинат велепредавничките договори со Грција и со Бугарија, се разбира, следствено и со ЕУ и работата е завршена. Македонија ќе биде спасена.
Прогнозата на Коцарев е дека до 2084 година Македонија ќе влезе во ЕУ како „делумно рамноправна членка“, а Македонците ќе исчезнат имајќи ги предвид моменталните услови затоа, како што пишува нашиот ценет научник, е „речиси веројатно дека во државата Македонија веќе нема да живеат Македонци бидејќи ќе бидат целосно истребени“. Коцарев тоа го појаснува и со претпоставката дека „најверојатно претпристапните преговори со ЕУ никогаш нема ни да завршат, па оттука произлегува синтагмата ‘делумно рамноправна членка на ЕУ’, ако се случат уставните промени и Бугарите влезат во Уставот“.
Зошто молчи МАНУ
Кога е веќе позната дијагнозата за исчезнување на Македонците, тогаш е познат и лекот и што треба да направиме „мудро и спокојно со процесот на разрешување на состојбата во која дојдовме поради неуките, недоквакани и алчни за власт, слава и пари политичари“, пишува претседателот на МАНУ и научник од светски глас, Љупчо Коцарев.
„Време е за промени, а јас ќе направам сѐ прво како интелектуалец, а потоа и како член на МАНУ, интелектуалците да бидат предводници на промените, а кон тоа во рамките на своите надлежности да даде свој придонес и највисоката научноистражувачка и уметничка институција, како столб на државноста, што впрочем и се очекува од оваа куќа“.
Јасно, Коцарев ја прозива МАНУ конечно да се определи, а не да молчи и да го остава прилично сам со неговите лични ставови и препоставки без изјаснување на телата на МАНУ за големата опасност што се надвиснала врз Македонците на патот кон Европа и нивното конечно исчезнување.
„Македонија несомнено сака да биде дел од ЕУ семејството, таа е веќе дел од НАТО, но Македонците на сметка на тоа загубија сѐ – нивниот идентитет, нивниот јазик и нивната етничка припадност, особености што имаат непроценлива вредност за која било цел. Затоа изгубеното треба да се поврати назад. И мора да се стори тоа. Во спротивно, зошто и на кого им се потребни ЕУ и НАТО. Македонското име не треба и нема да загине. Од нас зависи. Придружете се“.
Ќе извика научникот во својот патриотски лелек. Значи, веќе сѐ е изгубено, но може да се врати ако го следиме академик Коцарев, претседател на МАНУ. И навистина, зошто молчи МАНУ? Нели е крајно време оваа највисока научна институција да се изјасни јавно за прогнозите на својот претседател за сѐ што е изгубено да се врати назад. Ако МАНУ молчи, тоа може да значи дека ништо не е изгубено. Македонците сѐ уште се Македонци. Јазикот е македонски и националната припадност е македонска.
Времето лета само на наша штета
Ако се занимаваме со претпоставки како нова научна дисциплина, може да се докаже на истиот начин како Коцарев, дури и поизгледно дека исчезнувањето на Македонците во 2084 година е оптимистичка проценка. Најкраткиот пат кон исчезнување на Македонците може да се случи и многу побргу, ако му се придружиме на Коцарев и неговите истомисленици, само редоследот е обратен.
Ако во наредните 10 до 15 години не станеме членка на ЕУ, а сите наши соседи влезат во ЕУ, прво може да исчезне Македонија, а потоа и Македонците. Анализата во која се тврди дека Македонија ќе стане „делумно рамноправна членка на ЕУ“, а ќе исчезнат Македонците е националистичка хистерија која води кон распаѓање на државата. Времето лета само на наша штета.
Колку е реална и една друга претпоставка, да се одржува оваа високонапонска тензија дека сѐ што е македонско е изгубено само до референдумот и до изборите. Ако тоа биде чисто македонски референдум, доволни ќе бидат гласовите за голема изборна победа без оглед дали е успешен или не референдумот. Ако околу 700.000 референдумски гласови не се доволни да биде успешен, тие се доволни за голема изборна победа. Важно е да се постигне етничка поделба во земјата пред изборите, кога и да се одржат. Се разбира, размислувано е и за последиците. Победниците како и во многу други прилики, како и во Грција по падот на владата на премиерот Алексис Ципрас со својата пропагандна машина ќе обзнанат дека се конечно успешно заштитени јазикот и националната припадност без да менува ништо во договорите со Грција и со Бугарија, и дека предавството е оневозможено.
Тоа што го имаме и денеска како предавство, ќе се прогласи за голема победа и спасување на Македонија. Премиерот Кирјакос Мицотакис кој победи во Грција беше уште попрактичен. Тој остана на својот став дека Договорот не е добар за Грција, но ќе го прифати и ќе го реализира во етапите кои се предвидени со заложба да се подобри што е можно во интерес на Грција. Голема е веројатноста дека доколку дојде до изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ така ќе биде и кај нас. Веќе е обелоденето дека такви ветувања се дадени во разговорите со странските државници, па и со соседите, како што беше јавно кажано и кај нас дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати реалноста, дури оставајќи ја и отворена вратата за коалиција со ДУИ и албанските партии што би било потег за смирување на меѓуетничките тензии ако пред тоа не излезат од контрола.
Тогаш што правиме со интелектуалците на Коцарев и граѓаните кои веруваат во една таква разврска за спасување на Македонците и за поништување на договорите. Ништо, тие во политиката се нарекуваат „корисни будали“ и тоа е „нормално“ во битките за власт, многу пати досега употребено во изминатите 31 година независност. Тогаш ќе се разјасни и непотребната пречуствителност за разбирањето на поимот суверенитет и самостојност во современата историја. И сега половина од членките на ЕУ се делумно рамноправни со членките на стара Европа.
Лесно е сега да се мобилизира јавноста извесен период со тревогитедека е извршено велепредавство и дека е изгубено сѐ што е македонско и дека се распродадени националните и државни интереси. Што ќе правиме подоцна после две, пет или десет години кога ќе се почувствуваат разорно последиците од заостанувањето и колкава е таа цена што треба да ја платат граѓаните и идните генерации.
Што ќе правиме кога јавноста ќе го промени ставот
Се тргнува од многу погрешните претпоставки дека луѓето ќе имаат доследни ставови со години за овие прашања и дека тие ќе бидат секогаш во центарот на вниманието. Сега е лесно да се мобилизираат луѓето со патриотизмот дека неправдата која ни се прави и од ЕУ и од Бугарија и од Грција е заговор за исчезнување на Македонците.
Што ќе правиме кога Македонците нема да исчезнат и кога ќе ги зачуваат и јазикот и своите идентитетски посебности, а ќе останат изолирани во балканската крчма. Тој клучен фактор, времето кое одминува сите овие години еден ден ќе ги освести многумина. Кој ќе биде подготвен тогаш за разговор со јавноста која го променила ставот. Тоа политичарите мора да го знаат, со што ќе се соочат кога тоа ќе се случи. Соочувањето со јавноста која размислува сосема поинаку може да биде многу потрагично отколку сегашните лелеци за нешто што никој не може да го одземе. Ниту националната припадност, ниту јазикот, ниту историското минато.
На Македонија ѝ е потребна стратегија како да влезе во ЕУ, а не како да остане заборавена како една мала скопска обиколница од која лесно заобиколена сите ќе кренат раце. Национална стратегија со општествени, економски и образовни реформи во сите дејности веќе постои во МАНУ никому непотребна, која е изготвена 1997 година на 413 страници, финасирана од ОН и Економскиот институт во Виена и подготвена од над 100 домашни и светски научници по урнекот на словенечката старегија. Многу позначајно е да се види во МАНУ што од тоа е остварено, а што допрва треба да се одработи. Тоа би било многу посуштествено и позначајно отколку де се крева хистерија дека сѐ е изгубено. Ништо не е изгубено. За жал, кога тоа ќе се докаже ќе биде безначајно. Штетата ќе биде ненадоместлива.
(Линк до колумната овде)