СП 2026: Колина – Никој, па ниту Инфантино, не може да влијае на судењето
Њујорк – Претседателот на судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, застана во одбрана на судиските одлуки на осминафиналниот натпревар на Светското првенство меѓу Аргентина и Египет (3-2), отфрлајќи ги обвинувањата за пристрасност и посочи дека судиите дејствувале целосно независно и во согласност со правилата.
Во интервју објавено на официјалниот сајт на ФИФА, Колина рече дека критиките кон судиите се дел од фудбалот, но го осуди доведувањето во прашање на интегритетот на судиите откако Египет се пожали на судиските одлуки во осминафиналето во кое Аргентина победи со пресврт, постигнувајќи три голови во завршните десетина минути.
„Конструктивната дебата за одлуките секогаш ќе биде дел од фудбалот, но неоснованите обвинувања немаат место во нашиот спорт“, рече Колина.
„Никој не може да го доведува во прашање интегритетот на судиите на Светското првенство. Никој не може да тврди дека судењето на ФИФА може да биде под влијание на кој и да е, дури ниту на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.“, посочи Колина.
Поранешниот легендарен италијански судија предупреди дека ваквите обвинувања би можеле да доведат до закани кон судиите и нивните семејства.
Египетскиот табор жестоко реагираше на судиските одлуки на дуелот против Аргентина, а фудбалската федерација на оваа земја соопшти дека „неколку клучни инциденти предизвикале сериозна загриженост и длабоки прашања за конзистентноста и праведноста на одлуките што директно влијаеле на текот на натпреварот“.