Советот за животна средина на ЕУ ќе расправа за новите климатски цели на блокот

Измените на европскиот Закон за климата со кои се предлага воспоставување нови обврзувачки климатски цели на ЕУ до 2040 година, ќе биде главната тема на Советот за животна средина на Европската Унија што денеска се одржува во Брисел.
Според најавите, министрите за животна средина на земјите членки ЕУ ќе одржат политичка дебата по предлогот на Европската комисија за измени во постојниот Закон за климата, чија цел е постигнување на климатска неутралност на Унијата до 2050 година.
Со предлогот се поставува цел за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2040 година за 90 отсто во однос на нивоата во 1990 година.
Со законските измени се утврдуваат и клучните елементи и услови што Европската комисија мора да ги вклучи во своите законски иницијативи за по 2030 година, со цел земјите членки на ЕУ да можат да ги остварат поставените цели за 2040 година.
Покрај ова, европските министри за животна средина ќе расправаат и за измените на национално определениот придонес (НДЦ) на ЕУ за 2035 година согласно Рамковна конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ).
НДЦ ги утврдува напорите што треба да ги преземе секоја земја за намалување на националните емисии на стакленички гасови и да се прилагоди на влијанијата на климатските промени.
Со Парискиот климатски договор се предвидува секоја од потписничките на Конвенцијата да ги ажурира своите НДЦ на секои пет години. Во рамките на ЕУ, Унијата поднесува НДЦ во свое и во името на земјите членки.