Советот на Народната банка донесе одлуки за унапредување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги


На својата последна седница, Советот на Народната банка усвои четири значајни одлуки насочени кон зајакнување на системот за заштита на потрошувачите, коишто треба да обезбедат поголема транспарентност, фер практики и ефикасно постапување по поплаките на граѓаните од страна на банките и штедилниците, како и соодветни контролни механизми од страна на Народната банка во оваа област.

Со Одлуката за обезбедување јасни, релевантни и навремени информации за производите и услугите, којашто беше усвоена од Советот, се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедуваат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити. Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги.

Со усвоената Одлука за обезбедување фер и транспарентен пристап при склучување и примена на договорите со потрошувачите се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики. Воедно, се дефинираат основните можни ризиците кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост.

Одлуката за воспоставување систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите го уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците.

Одлуката за начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите ги пропишува основните видови на контроли во доменот на заштита на потрошувачите. Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување“ по примерот на напредните европски практики.

Со овие четири одлуки, Народната банка поставува правила и механизми за подобра заштита на правата и интересите на потрошувачите, придонесувајќи кон потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и поголема финансиска инклузија.