Советот на ЕУ ја усвои одлуката за визна либерализација за граѓаните на Косово


Министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската Унија (ЕУ),  на денешното таканареченото прво читање го усвоија ставот за безвизно патување за имателите на пасоши издадени од Косово.

Новите правила ќе им овозможат на имателите на косовски пасоши да патуваат во ЕУ без виза во период од 90 дена, во кој било период од 180 дена. Ова ослободување од условот за виза ќе се применува „од датумот кога ќе стапи во функција Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS) или од 1 јануари 2024 година, кое и да се случи прво“.

Бидејќи сега е извесно дека ЕТИАС нема да профункционира пред следната година, а согласно со донесената одлука, граѓаните на Косово ќе уживаат слободно движење од 1 јануари 2024 година.

„Косово направи големи напори да го подобри управувањето со безбедноста и миграцијата и да ја усогласи својата визна политика со политиката на ЕУ. Се надеваме дека нашата соработка во овие области ќе продолжи да биде плодна“, рече шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард, чија земја претседава со ЕУ.

Новите правила сега треба да бидат усвоени од Европскиот парламент (ЕП) пред да бидат потпишани и објавени во „Службениот весник“ на ЕУ. Во принцип, Европскиот парламент треба да гласа за визната либерализација на априлската сесија, а потоа одлуката станува правно обврзувачка по нејзиното објавување во официјалниот весник на ЕУ.