Советничка од ВМРО-ДПМНЕ во Кочани поднесе оставка на седницата за избор на в.д. градоначалник

Денеска Советот на општина Кочани ја одржува 62. седница на која единствена точка на дневен ред е избор на в.д. градоначалник по оставката на градоначалникот Љупчо Папазов, кој е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија 61 лице, а околу 200 се повредени.
Кандидатура за в.д градоначалник на седницата поднесе советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, додека од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група Гоце Марков.
Кандидатите кои се одбрани за в.д. градоначалник имаа кратки образложенија на своите кандидатури, по што на седницата беа изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати.
Независниот кандидат Венко Крстевски од говорницата порача дека подава рака на обединување.
„Се кандидирам за да не се блокира работата на градот. Подавам рака на обединување, да спроведеме сè што не е спроведено. Градот е во незавидна позиција, да внесеме енергија за излез од апатијата на граѓаните“, рече Крстевски.
Советникот Мирче Стојков од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше Крстевски нагласувајќи дека немал високо образование.
„Сите со консензус се согласивме дека не смее да биде Венко. Кочани не бил потажен, треба да ги залечиме раните. После кобната несреќа, кога партиите престанаа со препукување за да се обединиме и да не влијаеме, Венко само мудрува како експерт, полицаец, судија, обвинител. Се однесува како еден поранешен премиер од Будимпешта. Нема високо образование и затоа Гоце Марков е наш предлог. Хуман и човечен, реагира смирено во кризни ситуации“, изјави Стојков.
Ивица Лазаров, советник од редовите на СДСМ, порача дека политиката во Кочани е завршена.
„Градот е мртов, сите сме мртви… вие овде почнавте со политика. Со кое лице барате градоначалник, ние сега бараме техничко лице. Само едно барање имаме – да се разгледа колку средства имаме да им се помогне на семејствата на настраданите“, посочи Лазаров.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Марков, истакна дека ја бара поддршката од советниците за да го задржи пулсот на градот.
„Немав намера да излегувам денес, требаше да биде заедничка акција за рехабилитација. Кобната вечер бев на самото место, за сите нас остави неизбришливи траги. Оваа доверба не ја барам за самопромоција, туку да го задржиме пулсот на градот. Да ја изнесеме цела зла крв од нас. Јас сум одговорен човек, времето за политика е завршено. Прва точка ми е поддршка за семејства, второ аплицирање за локални проекти, трето депонијата и четврто – стабилна општина“, порача Марков.
Поради тоа претседателот на Советот Лазо Митев даде едночасовна пауза.
Кристина Атанасова Арсова, советничка од ВМРО ДПМНЕ, пак, на седницата со солзи даде оставка на функцијата. Образложи дека не прифаќа вакво политичко препукување особено што и самата е засегната бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката Пулс.Атанасова-Арсова, низ солзи поднесе оставка од функцијата советник. Таа побара извинување од граѓаните кои го дале нивниот глас поради многу работи кои не биле реализирани а ветени од нивна страна.
„Ќе побарам прошка и извинување на сите граѓани кои дадоа глас за мене како дел од советничката листа, затоа што не успеав да реализирам многу работи бидејќи тие работи не беа приоритет за градоначалникот и раководството. Истите водени од своите суети, понесени од моќта на функциите, се грижеа само за своите интереси, а не се водеоа од доктрината на нашата политичка партија донесена во 2021 година“ истакна Атанасова-Арсова.
„Јас во иднина ќе се посветам на моето дете кое е повредено и на сите деца кои се повредени. Процесот ќе биде многу долг и многу напорен и јас ќе се борам за сите нив и со сите мои сили и никогаш нема да заборавам дека сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“, кажа советничката Атанасова-Арсовска.
Во Советот на Општина Кочани има 19 членови, од кои девет се од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, еден независен и еден од Левица.