Состанок на Заев со мисијата на ММФ: Капиталните инвестиции можат да помогнат во ревитализацијата на економијата


Премиерот Зоран Заев одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон, како дел од редовните годишни консултации со цел информирање за економските изгледи, фискалната и монетарната политика како и финансиската стабилност во земјава.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на состанокот потенцирал дека соработката со ММФ е значително важна од повеќе аспекти, меѓу кои и мониторингот на економските перформанси на нашата земја.

Од ММФ оцениле дека реализација и вложувања во капиталните инвестиции во следниот период можат да помогнат за зголемување на потенцијалот за раст на економијата, со препорака во услови на КОВИД-19 да се продолжи со поддршка на здравствениот систем како приоритет, како што впрочем е предвидено и во предлог Буџетот за 2021 година.

-Премиерот Заев рече дека моменталната криза е можност за системски реформи и согласно трендовите, трансформација кон новата развојна економија со фокус на дигитализација, енергетика и обновливи извори на енергија, како и создавање на предвидлив и поволен деловен амбиент за нови инвестиции.  За таа цел покрај справување со пандемијата се прават планови на среден и долг рок за реализација на економските политики, со цел реалниот сектор да може да планира инвестициска активност. Беше нагласена и важноста од координирана акција за справување со неформалната економија која прави штети на буџетот на државата и регистрираните деловни субјекти, се вели во соопштението од Владата.

Како што било истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните економски реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст.

На состанокот било посочено дека последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но, оти се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Било заклучено дека е потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, приспособување на политиките и преземање навремени мерки согласно моменталната состојба за ублажување на ефектите.

Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ, било нагласено и дека од голема важност е финансиската стабилност. Во таа насока, банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем, е стабилен и значаен за поддршката за економијата и во натамошниот период на ревитализација.