Сопственикот на „Дејли меил“ купува еден од најпопуларните весници за половина милијарда фунти


Конгломератот DGMT, кој е сопственик на весникот „Дејли меил“, денес соопшти дека се согласил да го купи конкурентот „Телеграф“ за 500 милиони фунти, создавајќи една од најмоќните десничарски медиумски групи во Велика Британија.

Договорот доаѓа една недела откако инвестициската фирма со седиште во САД „РедБирд Капитал Партнерс“ ја повлече својата понуда за „Телеграф“, еден од најтиражните британски весници.

Извор близок до „РедБирд“ за „Ројтерс“ изјави дека постојаното противење од високи членови на редакцискиот персонал на „Телеграф“ ја натерало инвестициската фирма да се откаже од понудата.

Создавање десничарска медиумска група
Луѓе блиски до разговорите изјавија дека договорот вредел околу 500 милиони фунти. „Фајненшл тајмс“ објави дека цената е одредена за да може „Телеграф“ да ги врати парите што претходно ги инвестирал „РедБирд“.

Страните влегоа во период на ексклузивност за да ги финализираат условите на трансакцијата и да ја подготват потребната документација, која очекуваат брзо да се реализира.

Портпаролот на RedBird IMI изјави: „DMGT и RedBird IMI работеа брзо за да го постигнат договорот објавен денес, кој наскоро ќе биде доставен до министерството“.