СОНК до денеска сакал да ги потпише колективните договори, но ќе се доцни 2-3 недели

Новиот колективен договор за вработените во основните и средните училишта, беше тема на разговор на денешната работна средба во просториите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) меѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателот на СОНК Јаким Неделков.
За голем број од точките за кои се преговара, како што истакна министерката, веќе се усогласени ставовите, останува дополнително да се доусогласат и останатите точки, како што се покачувања за дел од класното раководство, плаќање надоместок за пат на одредени наставници кои работат подалеку од училиштето, како и за некои други погодности кои ќе ги имаат членовите на СОНК.
-Денешниов состанок е еден од бројните кои ги одржувам со нашиот социјален партнер со цел подобрување на правата и можностите на вработените во основните и средните училишта. Низ тој континуиран процес со бројни разговори и преговори постигнуваме одредени заеднички ставови кои мислам дека ќе ги досредиме во иднина и ќе дојдеме до конечното решение за потпишување на новиот колективен договор, изјави министерката Јаневска пред почетокот на средбата и посочи дека е убедена оти релативно брзо ќе биде потпишан колективниот договор.
Потврди дека мартовската плата на вработените во основните и средните училишта, која ќе се исплати во април, ќе биде покачена за седум проценти како што беше претходно договорено. Претходно во текот на минатата година имаа зголемување од пет проценти.
-Ова е второ покачување на платата и е во согласност со инфлацијата. Сметаме дека тоа е важно зашто платата на наставниците реално ќе се покачува за да ги покриваат непредвидените трошоци. Со овој договор обезбедуваме и континуитет на покачување на платите на наставниците и другите вработени во основните и средните училишта кои ќе се одвиваат во следните четири години, прецизира Јаневска.
Претседателот на СОНК потврди дека се во завршна фаза на преговори за колективните договор за основно и средно образование.
-Тоа се колективни договори кои не се обновени од 2008 година што само по себе укажува дека се комплексни и дека се многу важни за нашите членови и за вработените во основното и средното образование. Токму затоа бараат многу сериозен пристап за носење на нивните финални решенија, рече Неделков.
Како синдикат, додаде, со новиот колективен договор очекуваме многу повеќе привилегии за нашите членови кои не се опфатени со соодветен закон или некој друг колективен договор.
– Во новиот колективен договор се бараат зголемени права за нашите членови во однос на актуелни закони и колективни договори. Сѐ уште сме во фаза на завршни преговори, се работи најчесто за финансиски побарувања и права од финансиски карактер за кои сметам дека брзо ќе се договориме и ќе се потпишат колективните договори, посочи Неделковски.
Нагласи дека присуството на министерката Јаневска на работната средба покажува дека многу се посветува внимание на квалитетен текст на колективниот договор.
– Таргетот беше до денеска да ги потпишеме колективните договори, но заради обемноста на материјалните и заради немање закон за наставници и стручни соработници кои се битни за склучување на договорите ќе имаме мало доцнење. Тоа нема ништо да значи во негативна конотација за вработените во образованието и за нашите членови. Се работи за доцнење од две или три недели, рече Неделковски.