Сондата на НАСА помина покрај Сонцето, сè уште работи
НАСА денеска соопшти дека нејзината соларна сонда Паркер е „безбедна“ и работи нормално откако успешно го завршила најблиското приближување до Сонцето од вештачки објект во историјата.
Леталото помина на само 6,1 милиони километри од површината на Сонцето на 24 декември, летајќи низ надворешната атмосфера на Сонцето, наречена корона, во мисија што треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за најблиската ѕвезда до Земјата.
НАСА соопшти дека оперативниот тим во лабораторијата за применета физика Џон Хопкинс во Мериленд добил сигнал од сондата непосредно пред полноќ во четвртокот.
Се очекува леталото да испрати детални телеметриски податоци за неговиот статус на 1 јануари, додаде НАСА.
Патувајќи со брзина до 692.000 км/ч, леталото издржа температури до 982 степени Целзиусови, се наведува на веб-страницата на НАСА.
„Оваа студија одблиску на Сонцето и овозможува на Соларната сонда Паркер да направи мерења кои им помагаат на научниците подобро да разберат како материјалот во овој регион се загрева до милиони степени, од кое потекло е сончевиот ветер и како енергетските честички се забрзуваат до брзини блиску до брзината на светлината“, додава агенцијата.
Соларната сонда Паркер беше лансирана во 2018 година и постепено влегува во сè потесни орбити околу Сонцето, користејќи ја гравитацијата на Венера додека лета покрај планетата.