Софија очекува притисок врз Скопје за спорот
Наспроти изјавите на функционерите од Македонија, според кои е можно решение за спорот со Бугарија до крајот на годината, бугарскиот портал „Медиапул“ пренесува реакции од Софија кои се сведуваат на пораката дека не може се уште да се зборува за чекор напред и дека тешко ќе има решение до состанокот на министрите на ЕУ на 8 декември.
Според овој извор, Софија очекува официјален Берлин, кому му истекува претседателствувањето идниот месец, заедно со ЕК да изврши притисок врз Македонија да ги прифати бугарските барања бидејќи досега европските очекувања биле насочени само кон Бугарија и тоа довело до одбивање на власта кај нас да преговара и до ќорсокак.
Во текстот се забележува исто така дека бугарското вето за рамката за преговори на ЕУ со Северна Македонија има висока поддршка меѓу бугарските граѓани поради што менувањето на позицијата станува сè потешко од политичка гледна точка. Бугарија инсистира на потпишување нов документ што би бил поконкретен и ќе
обезбеди спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година.