Софија лута на Дачиќ што не им го признава малцинството
Како „изненадувачки и крајно несоодветни“ ги оцени официјална Софија „изјавите со кои, заради остварување на домашни политички цели, се фрла сомнеж на постоењето на Бугари во Србија и на потребата да се заштитат нивните права“.
„Ова го навредува достоинството на нашите сонародници во соседната држава и никако не
придонесува за развој на добрососедските односи со Бугарија“, порача бугарското Министерство за надворешни работи по повод неодамнешните изјави на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на оваа тема.
„Како и досега, Бугарија ќе продолжи да се грижи за гарантирање на правата на
сите бугарски заедници во странство. Ова е еден од главните приоритети на
Министерството за надворешни работи. Во однос на Република Србија и бугарското
национално малцинство таму, Бугарија ќе продолжи да инсистира институциите во соседната земја да се придржуваат кон сопственото законодавство во областа на правата на
националните малцинства, како и кон обврските кои произлегуваат од процесот на
пристапување во ЕУ“, се вели во документот.
Во него се нагласува дека „разликата меѓу уставниот систем на Србија и другите
земји, вклучително и Бугарија, не можат да се користат како аргумент за можно
одбивање на српската држава да ја исполни својата заложба за гарантирање на правата и
слободите на претставниците на националните малцинства, вклучително и на Бугарите“.
Повод за реакцијата е барањето на српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ,
Софија да го „признае постоењето на српско национално малцинство“ во Бугарија . Дачиќ во изјавата посочил исто така дека го лути тоа што „Бугарија не ги признава
националните малцинства”.
„Бугарија не ги признава националните малцинства, но наспроти тоа, многу протестира за лоша состојба на Бугарите во Србија. Е, ова е веќе навистина… Но, кога ние им кажуваме, а што со Србите во Бугарија, тогаш тие одговараат: во Бугарија нема Срби. Тоа значи ако и ние кажеме дека нема Бугари во Србија, тогаш нема да има проблеми ни со бугарското национално малцинство“, рече деновиве Дачиќ.
Ова, како што пишува БГНЕС, не е прва „брутална провокација во однос на Бугарија“ од страна на Дачиќ. Во јануари 2020 година, коментирајќи ги односите со Црна Гора, Дачиќ изјавил: „За какви внатрешни работи денес се зборува во Европската Унија? Во Србија има Бугари кои се само 0,26 отсто од нашето население, но Бугарија на секој состанок на Европскиот совет го поставува прашањето за правата на бугарското национално малцинство.”
За само неколку децении, тврди БГНЕС, бугарското малцинство во, како што ги нарекува „западните покраини“ (во Србија) било„уништено“ и од над 120.000 луѓе според пописот од 2021 брои 12.900.