Софија била „вознемирена“ од бришењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“

Бугарија ќе им даде секаква поддршка што ќе ја побараат избришаните организации, објавија денеска во Софија. Одлуката на македонските институции била непринципиелна


 

Одлуката на Централниот регистар на Македонија да го избрише бугарскиот клуб од Битола од листата на здруженија очекувано предизвика реакција во Софија. Таа реакција на свој начин е остра, но не и жестока. Заменик-министерот за надворешни работи и портпарол, Костадин Коџабашев, имаше прес конференција, но сѐ уште нема официјална реакција на Министерството за надворешни работи преку соопштение, како што официјално се случуваше за други работи.

„Длабоко сме вознемирени од последователните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во земјата“, рече Коџабашев. Според него, македонските институции ја донеле одлукат врз непринципиелно, еднострано и тенденциозно ставање на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Тој додаде дека „институциите во Скопје не изнесоа вистински аргументи за оспорување на регистрацијата на бугарските здруженија“, пренесе БТА.

Министерот за правда Кренар Лога на 16 овој месец го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Ваквата одлука на министерот уследи откако претходно Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов поради тоа што претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура.

„Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, беше наведено во соопштението од Министерството за правда. По промената на законот за здруженија и фондации тие имаа рок од три месеци за промена на имињата, нешто што Здружението „Иван Михајлов“ не го направи.

Експертот од директоратот Југоисточна Европа на бугарското МНР, Жељазко Радуков, изјави дека не гледа зошто е спроведена забраната за бугарскиот клуб кога веќе имало одлука на Европскиот суд за човекови права, а одлуката ги отфрла токму аргументи што ги користи Македонија (тој мисли на случајот со здружението „Радко“ – н.з.). „Во комисијата разгледуваат вкупно 17.000 имиња на здруженија, а во оваа фаза ова е единствената одлука што е донесена. Тоа е зачудувачки“, рече Радуков.

Тој го нарече „безобразно“ однесувањето на македонските власти кон правото на здружување и наведе дека Софија прави максимални напори да ги информира европските институции и партнерите на Бугарија. И уште додаде дека Бугарија ќе даде секаква поддршка што ќе ја побараат избришаните организации. Па ја повтори познатата работа дека продолжувањето на македонскиот европски пат оди преку промена на Уставот.

Заменик-министерот Коџабашев, според БТА, даваше и историски оценки за Ванчо Михајлов тврдејќи дека толкувањето на „нашата заедничка историја е ревизионистичко“. Уште нагласи дека обвинувањата посебно бил неосновани обвинувањата за антисемитизам на Ванчо Михајлов. „Самиот Иван Михаилов, неговата околина и ВМРО постојано имаат почитуван и добронамерен однос кон еврејската заедница. Не случајно еден од неговите најблиски соработници, Владимир Куртев, член на последниот состав на ЦК на ВМРО, е прогласен за праведник на светот од Државата Израел“, рече тој. (Н.В.)