Социјалните мрежи полека умираат во море од ботови и длабоки фејкови

Место „револуција“ Интернетот се повеќе се претвора во ѓубре од бучава, лаги и бесмислици - а луѓето полека се повлекуваат


Твитер – под своето ново име X – се поочиглердно станува хаотичен лавиринт од радикализирани ботови, слики генерирани од вештачка интелигенција и море од длабоки фејкови.  Фејсбук,пак, продолжува да го полни својот бескраен резервоар од псевдо-инспиративни слики подобрени од вештачка интелигенција за да ја хипнотизира својата публика од „тетки“, додека Инстаграм, ТикТок и Јутјубе јаваат на бранот на сè похимерични и поапсурдни видеа родени во прегреани екоцидни центри за податоци. Сетоа тоа ја отвора дилемата – дали е можно да ја доживуваме смртта на социјалните мрежи?

Мета и ОпенАИ неодамна објавија нови социјални платформи полни со кратки видеа генерирани од вештачка интелигенција. Технолошките компании се обидуваат да го убедат светот дека општеството копнее по оваа содржина генерирана од машини. Но, додека рекламите зборуваат за „револуција“, интернетот почнува да изгледа како ѓубре од бучава, лаги и бесмислици – а луѓето полека се повлекуваат.

Според анализата на „Фајненшл тајмс“ на 250.000 луѓе во 50 земји, користењето на социјалните медиуми постојано опаѓа. Врвот го достигна во 2022 година, а оттогаш, времето што луѓето го поминуваат на нив се намали за речиси 10%. Во развиените земји, корисниците над 16 години поминуваат просечно 2 часа и 20 минути дневно на социјалните мрежи – и тој број продолжува да опаѓа. Падот е најзабележителен кај младите: тинејџерите и луѓето во раните дваесетти години веќе бараат на друго место свое дигитално присуство.

Причината? Социјалните мрежи одамна престанаа да бидат социјални. Тие станаа алатки за пасивно скролање – помеѓу досадата и вознемиреноста. Вистинските разговори и врски се заменети со „доумскролирање“ – очајното барање смисла во бесконечен поток од ништожност.

Од 2014 година, процентот на луѓе кои велат дека ги користат социјалните медиуми за да останат во контакт со пријателите, да се изразат себеси или да запознаат нови луѓе се намалил за повеќе од една четвртина. Спротивно на тоа, бројот на луѓе кои едноставно отвораат апликации „од навика“ – за да го убијат времето – е зголемен.

Писателот и технолошки критичар Кори Доктороу ја нарекува оваа ера „сквернавење на платформата“ – фаза во која мрежите повеќе не се стремат да ги поврзат луѓето, туку да го одвлечат нивното внимание.

„Многу од овие апликации повеќе не се вистински социјални – тие едноставно го оптимизираат времето поминато пред екранот, користејќи ги сите можни средства за да нè држат активни уште неколку секунди и минути“, пишува новинарот Џон Берн-Мердок.

Сепак, еден исклучок е спротивен на овој тренд: Северна Америка. Таму, користењето на социјалните медиуми, особено оние каде што цвета екстремно десничарскиот дискурс, продолжува да расте. Подемот на Доналд Трамп и сенката на Елон Маск врз дигиталниот пејзаж го одржуваат интересот жив. Во 2024 година, користењето во САД е за 15% поголемо отколку во Европа. (БГНЕС)