Собраниската комисија за избори и именувања ќе формира Комисија за селекција на кандидати за член на ДКСК
Во Собранието денеска ќе одржи седница Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На дневен ред е формирање Комисија за селекција на кандидати за член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
За испразнетото место во Антикорупциската комисија, по оставката на Цвета Ристовска, на претходниот оглас беа пријавени петмина кандидати.
Претходниот оглас за член на ДКСК беше поништен поради сомнежи за кандидатури на партиски донатори. Според законот, кандидатот за член на ДКСК не смее да е донатор на партија во изминатите 10 години.
Цвета Ристовска на 13 февруари годинава поднесе неотповиклива оставка од ДКСК откако Комисијата, во која работеше, против неа отвори два предмета затоа што се појавија информации дека маркетинг фирма на нејзиниот син била ангажирана во текот на претседателските избори во 2024 година, добивајќи исплати за кампањите на тогашните кандидати, Стево Пендароваки и Гордана Сиљановска-Давкова, кои таа не ги пријавила во анкетниот лист.