Собранието ги избра новите министри, Мицкоски се извини за инцидентот на Стоилковиќ
Собранието денеска ги избра новите министри во рамки на реконструкцијата на Владата, предложена од премиерот Христијан Мицкоски. Во завршното обраќање тој им се извини на пратениците и на граѓаните за инцидентот што настана во Собранието кога кандидатот за министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, навредуваше и пцуеше неколкумина пратеници од опозициската СДСМ.
Спикерот на парлементот, Африм Гаши, не се извини за навредите што ги упати кандидатот за министер кон пратениците, па по паузите целата опозиција освен пратениците на Левица, ја напушти седницата. Тоа најпосле го направи Мицкоски разбирајќи колкава штета може да има за новата влада непримерната постапка на Стоилковиќ.
„Ќе ми дозволите, како претседател на Владата, да им се извинам вам, пратениците, и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори“, истакна Мицкоски.
За нов министер за правда е избран Јетон Шасивари член на Вреди, министер за земјоделство Борче Серафимовски од ЗНАМ, нов министер за односи меѓу заедниците Агон Ферати од Вреди, министер за здравство Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, министер за туризам и култура Седат Сулејмани од Вреди, министер за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ, министер за локална самоуправа Иван Стоилковиќ од ДПСМ, а нов министер без ресор е Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.
Сите министри беа избрани со 69 гласа „за“, без ниту еден воздржан и против.
Непосредно пред гласањето премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е среќен со изборот на новите министри, кои денеска очекува парламентарното мнозинство да ги избере, како и со оние со кои досега соработувале, но и со оние кои не се предмет на оваа реконструкција.