(Галерија) Со жолти балони против узурпација на јавниот простор во Битола


Автомобили паркирани на несоодветни места, по тротоари, на зелени површини, им го земаат местото за поминување на пешаците во Битола.
Затоа граѓаните организираа несекојдневна акција, па на сите неправилно паркирани автомобили врзаа жолти балони на кои пишува: „Ова не е паркинг“. Дали нивната порака ќе стигне до надлежните, но и до несовесните возачи, останува времето да покаже.
Акцијата „Ова не е паркинг“ е посветена на узурпацијата на јавните површини во Битола.
Граѓаните секојдневно се соочуваат со проблеми кои го ограничуваат нивното движење и ја загрозуваат нивната безбедност. Иако, Битола не е голем град паркирањето на јавните површини и тротоари зема се поголем замав и на одредени локации низ Битола.
Практично е невозможно безбедно движење на пешаците. Во изминатите неколку години поради трендот на узурпацијата на тротоарите предизвикани се повеќе несреќи, а постарите граѓани, инвалидизираните лица, велосипедистите и децата се почесто се обесхрабрени да се движат на одредени локации низ Битола.
Целта на оваа акција е да се изврши притисок врз надлежните односно Општина Битола и МВР сериозно да се зафатат со решавањето на овој проблем и да ги вратат автомобилите на улиците и пешаците на тротоарите.