Дијабетичарите не можат да дојдат до термини за специјалистички прегледи
Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија бара од Министерство за здравство и Фондот за здравство итно да го зголемат бројот на термини за соецијалистички прегледи бидејќи голем број (околу 40%) од пацинетите не се во можност да извршат регуларни навремени прегледи за состојбата со дијабетесот и можни компликации од дијабетес.
„Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Македонија, како заеднички претставник на лицата кои живеат со дијабетес во државата, подолг временски период укажува на потребата од подобрување на пристапот до редовни, навремени и континуирани специјалистички прегледи.Редовните контроли претставуваат основен и неопходен дел од здравствената грижа за лицата со дијабетес, бидејќи преку нив се следи текот на болеста, се проценува здравствената состојба и се одредува соодветната терапија, неопходна за успешно секојдневно менаџирање на дијабетесот.Подеднакво значајно е и навременото реализирање на прегледите за рано откривање, следење и третман на компликациите од дијабетесот, со цел обезбедување поквалитетен, подостоинствен и поздрав живот за пациентите.
Во таа насока, изразуваме сериозна загриженост поради ограничената достапност на специјалистички термини и упатуваме иницијатива за унапредување на постојните протоколи и процедури за закажување прегледи, како и за зголемување на достапноста на континуирана здравствена грижа за хронично болните пациенти.Особено внимание заслужува фактот што околу 4.000 лица со дијабетес тип 1 своите контроли ги реализираат на Универзитетските клиники во Скопје — приближно 650 деца на Универзитетската клиника за детски болести и околу 3.550 пациенти на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања.
Дополнително, во голем број општини во државата постои недостаток на доктори специјалисти – дијабетолози, поради што значителен број пациенти се принудени да патуваат во други градови и регионални центри за да добијат здравствена услуга. Ова претставува дополнителен финансиски, организациски и психолошки товар за лицата со дијабетес и нивните семејства.
Потсетуваме дека Националната програма за дијабетес 2018–2028 како стратешки цели ги утврдува:
-поквалитетна и поефикасна превенција, рана детекција и подобрување на квалитетот на грижата и животот на пациентите со дијабетес мелитус преку подобра контрола на болеста и превенција на компликациите;
-редовно следење и контрола на резултатите од спроведените активности, како и подготовка на соодветни анализи и извештаи.
Веруваме дека преку заедничка координација, институционална посветеност и партнерски пристап може да се изнајдат одржливи решенија кои ќе овозможат подобар, поконтинуиран и подостапен пристап до здравствена грижа за повеќе од 140.000 лица кои живеат со дијабетес во Македонија.Здравствениот систем мора јасно да покаже дека превенцијата и навремената здравствена грижа претставуваат приоритет и основно право на пациентите, а не привилегија, посочуваат од Сојузот.