Перински се сретна со Азески: Модерни и развиени општини значат конкурентна економија


 Министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска имаше работна средба со претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески на која биле отворени повеќе прашања, меѓу кои – локалниот економски развој, инфраструктурните инвестиции и дигитализацијата.

Како што информира Кабинетот на Перински, станало збор за унапредување на соработката помеѓу Министерството и Комората, со посебен акцент на тековните активности за подобрувањето на условите за работа на компаниите на локално ниво. Било истакнато и дека силните и функционални општини претставуваат еден од клучните предуслови за конкурентна економија, привлекување инвестиции и рамномерен регионален развој.

Според Министерството, во фокусот на разговорите биле и повеќе значајни теми поврзани со процесот на децентрализација, изнаоѓање на начини за заедничкото користење на фондови, како и можностите за продлабочување на соработката на Комората со општините и планските региони.

-Локалната самоуправа претставува важен партнер во создавањето поволна и предвидлива средина за развој на приватниот сектор, особено преку ефикасно спроведување на надлежностите, поквалитетни услуги и создавање подобри услови за работа и развој –  рече министерот.

– Посебен акцент беше ставен на дигитализацијата на локалните услуги, при што беше оценето дека дигиталната трансформација на општините претставува директна поддршка за приватниот сектор. Во таа насока беше истакнато дека секој скратен рок, секоја поедноставена постапка и секоја електронска услуга значат поефикасни институции и подобра деловна клима за компаниите. На средбата се разговараше и за активностите поврзани со ажурирање на базите на даночни обврзници, при што беше потенцирана важноста од воспоставување фер и транспарентен систем, подобрување на наплатата на локалните приходи и нивно насочување кон услуги и инфраструктура што директно им се враќаат на граѓаните и компаниите. Во делот на рамномерниот регионален развој беше отворено и прашањето за учеството на бизнис заедницата во процесите на планирање и креирање политики на локално и  регионално ниво. Притоа беше истакнато дека бизнис заедницата е вклучена уште во фазата на подготовка на развојните политики преку свој претставник во Советите за развој на планските региони, со што се овозможува нејзино активно учество во креирањето на регионалните приоритети и развојни насоки –  наведува Министерството за локална самоуправа.

Перински на средбата со Азески истакна и дека Министерството ќе продолжи да поддржува иницијативи што ќе придонесат за поефикасни општини и подобри услуги за граѓаните и компаниите.