Градежниот и Економскиот факултет потпишаа Меморандум за соработка во областа на циркуларната економија со два германски универзитета


Меморандум за соработка во областа на циркуларната економија потпишаа денеска Градежниот и Економскиот факултет со два германски универзитета од Северна Рајна-Вестфалија – TH Köln и FernUniversität Hagen. Како што беше речено, целта е размена на информации, студенти и професори, но и поддршка за унапредување на студиските програми во насока на создавање генерации кои ќе ги применуваат принципите на циркуларната економија – рационално користење на ресурсите, намалување на отпадот, повторна употреба и создавање нова вредност преку иновации.

– Македонија е мала земја, со кревка економија, која силно го чувствува импактот од секоја поголема глобална промена. Позитивните промени со задоволство ги прифаќаме, а за неповолните мораме навремено да бараме начини како најдобро да се заштитиме и да изградиме отпорен систем. Тоа можеме да го постигнеме исклучиво преку образованието и науката, бидејќи токму тие ги создаваат фактите, ги поттикнуваат иновациите, новите технологии и решенијата за одржлив развој, порача министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која присуствуваше на потпишувањето.

 

Според Јаневска, од воспоставената соработка се очекува многу да се сработи во сферата на циркуларната економија, да се реализираат размени на студенти и професори, развој на програми за втор и трет циклус, што ќе биде, рече, од корист за студентите кои во иднина ќе треба да ги преземат овие активности, не само во однос на циркуларната економија, туку и понатаму, во водењето на факултетите и универзитетите.

Министерството, дополни Јаневска, ќе остане посветено на поддршката на сите научно-истражувачки активности, на меѓународната соработка, но и на креирањето одговорни политики базирани на знаење и факти.  

– Особено ме радува продлабочувањето на соработката помеѓу македонската и германската академска и научна заедница, чиј фокус е поттикнување на поголема примена на принципите на циркуларната економија. Говориме за иновативен и поодговорен начин на размислување кон сопствената иднина, иднината на државата и светот во целина. Токму на тој начин се придонесува и кон исполнување на повеќе цели за одржлив развој дефинирани од Обединетите нации. Начинот на размислување и свеста за предизвиците се менуваат пред сè преку образовниот систем. Затоа, во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на двата факултета од Македонија и двата факултета од Германија, кои преку оваа меѓународна соработка, регулирана со меморандум за размена на информации, студенти и професори и поддршка за унапредување на студиските програми, ќе придонесат кон создавање генерации за кои однесувањето согласно принципите на циркуларната економија ќе претставува природен и единствено прифатлив модел на функционирање. Токму тие млади луѓе, вклучувајќи се понатаму во бизнис секторот, академската и научната заедница и во институциите, ќе продолжат да ја шират оваа култура на одговорно и одржливо делување. Честитки до сите потписници на меморандумот. Убедена сум дека и од двете страни има многу знаење, искуства и добри практики што можат да се споделат, истакна министерката.

null

Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски напомена дека соработката со еминентните германски факултети ќе овозможи иновација и унапредување на студиската програма – градежништво. 

– Двете високообразовни институции од Германија долго време работат во областа на циркуларната економија, зелената трансформација и повторното користење на градежните материјали, што се актуелни и современи дисциплини во ЕУ. Со соработката ќе се трудиме да ги пренесеме најдобрите искуства на нашиот факултет. Во план е да се иновираат и унапредат наставните програми на студиската програма градежништво. Студентите ќе имаат можност да слушнат за најновите трендови во европските земји. Во соработката е и научно-истражувачката дејност која овозможува учество на заеднички проекти со што ќе добиеме поголема препознатливост на европската мапа на универзитети и факултети, изјави Јосифовски.