Со термални дронови се ловат загадувачите кои ја користат маглата за прикривање


Панорама на Скопје од Водно - Фото: Б. Грданоски

Секојдневно мерните станици во Скопје покажуваат енормно загаден воздух, а градоначаникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека работат на решавање на проблемот од корен.

– Правиме сериозен мониторинг, одредени индустриски капацитети да не ја злоупотребуваат маглата и во тој период да испуштаат отровни гасови. Секоја вечер со дронови правиме термален мониторинг – рече Шилегов на денешната прес-конференција на која соопшти дека завршуваат со есенската градежна офанзива за замена на стари коловози и подземни инфраструктурни мрежи.

Шилегов најави подобрување на јавниот градски сообраќај, со изградба на брзата автобуска линија во критичните делови од градот што треба да почне со реализација во јануари следната година. Според него, тоа е еден од главните три проблеми за загадувањето во Скопје, а на овој начин смета дека граѓаните ќе се стимулираат да го користат јавниот превоз, место приватни автомобили.

– Ние работиме во коренот на решавање на проблемот. Главни проблеми се три. Едната е инспекцискиот надзор, втората е решавање на јавниот транспорт, со која ќе ги дестимулраме граѓаните да го користат автомобилскиот сообраќај. Третата е организираното затоплување на домовите. Реално 5.000 оџаци помалку зрачат. Планираме да понудиме социјална помош со цел граѓаните да се приклучат на централно греење – рече Шилегов.

Во меѓувреме, податоците кои се достапни преку Министерството за животна средина и просторно планирање, во одредени делови на градот покажуваат висока загаденост и преку ден, а особено ноќе.(Б.Б.)