Со пристапот „трговија без контакт“ непречен извоз во и од Турција


„Трговија без контакт“ е пристапот што почна да го применува Турција за непречено одвивање на трговската размена без да дојде до контакт меѓу луѓето и да се создаде каква било можност од евентуална зараза со корона вирус.

На компаниите им е дадена можност за замена на приколка, полуприколка или контејнер, а оние што нема да го почитуваат пристапот „трговија без контакт“ ќе треба да ги запазат процедурите за карантин.

Ова го објави Стопанската комора на Македонија на својата интернет страница.

„Амбасадата на Република Турција во Репубика Северна Македонија во соработка со Стопанската комора на Македонија, Ве информира за ново донесените мерки за транспорт на стоки и непречена трговија од страна на Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи на Турција. Преземените мерки за спречување на епидемијата (КОВИД-19) од Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи на Турција, се применуваат на начин да не биде спречена слободната трговија. Во овој контекст Турција започна со имплементација на пристапот „трговија без контакт“ кој за цел има ограничување на контактот од лице до лице како и спречување на можноста за заразување“, стои во соопштението до компаниите.

„Имајќи ја предвид оваа состојба, на компаниите им е дадена можност за замена на приколка, полуприколка или контејнер. Компаниите кои нема да го претпочитаат пристапот „трговија без контакт“ потребно е да ги пратат процедурите за карантин“, се вели во дописот од Турската амбасада.

Стопанската комора денеска соопшти дека се прават максимални напори за непречена трговија и за обезбедување на потребните суровини и репроматеријали.