Со поп и народни песни – Лозано на турнеја низ Америка


Поп-пејачот Влатко Лозаноски – Лозано за неколку дена започнува со големата турнеја во Америка. Оваа турнеја требаше да се реализира во 2020 година, но поради светската пандемија со коронавирусот, мораше да биде одложена.

Првиот негов настап е на големата македонска конвенција која ќе се одржи на 3 септември во Чикаго, на која ќе присуствуваат Македонци од цела Америка и Канада. Лозано пред гостите ќе настапи со бенд, а покрај неговите песни, тој ќе ги испее и најпопуларните македонски народни песни.
„ Искрено се радувам на турнејата и едвај чекам да настапам пред нашинците. Досега низ годините постојано добивав пораки зошто не одам на турнеја во Америка и еве, конечно ќе се случи тоа. Ги поканувам сите Македонци, односно сите кои ги сакаат моите песни да присуствуваат на моите концерти. Би ја искористил оваа прилика да се заблагодарам на одборот на македонската православна црква Св. Кирил и Методиј од Илиноис за поканата да пеам на овој конгрес и за желбата да направат нешто поразлично од другите години“ – вели  Лозано.