Со грант од Светска банка Општина Велес ќе гради водовод за село Сопот


Општина Велес доби грант од Светската банка во висина од 12 420 842 денари за изградба на водоснабдителен систем кон селото Сопот во близина на велешко езеро „Младост“ и за набавка на теренско возило со кое ќе управува ЈКП„Дервен“ за одржување на овој и останатите водоснабдителни системи во велешките села.

Како што информира за МИА, Снежана Дервишова од секторот градежништво на Општина Велес, изведбата на водоснабдителен систем за село Сопот е во висина од 11,982,726 денари, а за набавката на теренското возило е во висина од 185,942 денари. Општина Велес покрај грантот за овие два проекти ќе вложи сопствени средства во висина од 747.826 денари.

Општина Велес преку својата веб страница веќе објави повик за избор на најповолен изведувач на градежните работи и за набавка на теренското возило.

Инаку водоснабдителниот систем за село Сопот кое е во близина на велешко езеро „Младост“ ќе биде преку градскиот водоснабдителен систем на Велес, а со кој сега е поврзан до селото Новачани.

Со овој проект од село Новачани истиот ќе се продолжи  до село Сопот во должина од 3.422 метри односно речиси 3,5 км. Тој ќе има доводен цевковод, резервоар за вода со капацитет од  50 илјади литри вода, 21 шахта, разводна мрежа, 35 приклучоци и треба да биде готов до 1 септември годинава, најави Дервишова.

Инаку со новото теренско возило кое ќе треба да се набави во рамки на проектот службите на ЈКП„Дервен“ ќе им се овозможи на полесен пристап за одржување на системот: санирање на дефекти, следење на квалитетот на водата за пиење, и комуникација со корисниците на системот за водоснабдување на село Сопот, како и за одржување на други системи за водоснабдување во руралните средини во велешко.