Со грант од Шпанија ќе се прави студија за пловечки фотоволтаици – да не поскапи водата за наводнување
Производството на струја преку фотоволтаиците треба да помогне да се намалат трошоците за струја на АД „Водостопанство“ за пумпните станици
Со грант вреден 765.158 евра од Кралството Шпанија, земјава ќе изготувува студија за поставување пловечки фотоволтаици. Целта е да се намалат трошоците за струја на АД „Водостопанство“ за пумпните станици и да не се дозволи да дојде до поскапување на водата за наводнување што ја користат земјоделците.
Договорот за грантот го потпишаа денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и претставниците од шпанската компанија „Глобалтек“ која треба да ја обезбеди техничката поддршка.
Реализацијата на проектот ќе биде во три фази. Со првата ќе се идентификуваат локациите за поставување на фотоволтаиците, втората е за концептотот, дизајнот и физибилити студијата, а трета ќе биде фаза на поставување на фотоволтаичните системи.
Средствата од грантот се обезбедени преку Европскиот план за закрепнување, трансформација и отпорност, а поддржани од Министерството за индистрија, трговија и туризам на Шпанија.
-Производството на струја преку фотоволтаиците треба да помогне да се намалат трошоците за струја на АД „Водостопанство“ за пумпните станици. Струјата последните две години отиде многу високо и трошоците се многу големи. За да не се зголеми цената на водата како услуга што им се дава на земјоделците, производството на оваа енергија ќе се користи како компензација на струјата, односно за цената на водата да остане непроменета, објаснија од МЗШВ по потпишувањето на Договорот.
Според министерот Николовски, нема стабилно земјоделство без стабилен систем за наводнување, а вложувањето во водоснабдителни капацитети е еден од клучните приоритети на МЗШВ.