Со „Фросина“ и „Мирно лето“ Кинотека учествува во европската „Сезона на филмски класици“


Европската асоцијација на кинотеки (ACE), кон крајот на минатата година го започна проектот „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката на Македонија.

Првата проекција во рамки на проектот се одржа во декември 2020 година, кога Југословенската кинотека  на својот јутјуб канал – го прикажа немиот филм „Грешница без грев“ (1930, р. Коста Новаковић), а втората проекција ќе се одржи в петок, кога Филмотеката на Валенсија (Filmoteca Valenciana-Institut Valencià de Cultura) ќе го прикаже немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ (1918, Maximiliano Thous & Frncisco Sanz) на својот јутјуб канал  и тоа со музичка поддршка во живо.

Кинотеката на Македонија учествува во овој проект со новите дигитално реставрирани копии на играните филмови „Фросина“ (1952, р. Војислав Нановиќ) и „Мирно лето“ (1961, р. Димитрие Османли). Двете дигитални копии ќе бидат за првпат прикажани во јуни, 2021 година – во летното кино на Кинотеката, со што проектот „Сезона на филмски класици“ ќе финишира. Истовремено, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на првата македонска комедија „Мирно лето“, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години, „современици“ на дејствието на филмот.

Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија. Помеѓу декември 2020 и јуни 2021 секоја од овие институции  избраните филмови ќе ги презентира пред публика: он-лајн или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо (доколку станува збор за нем филм), или пак – надополнети со изложба, дискусија или предавање, итн. И, сите овие филмски архиви и кинотеки учествуваат со свои – дигитално или аналогно реставрирани – филмски класици.

Целта на оваа иницијатива, координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки) и поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“.

Сите проекции во рамките на „Сезоната на класици“ се бесплатни.