Со фотографија од пасош најавена „Златна бубамара на популарноста“ за 22 февруари
Манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ ќе се одржи на 22 февруари во салата „Борис Трајковски“ од 20 часот, објави Ранко Петровиќ, сопственикот на радио „Буба мара“, кое го организира настанот.
„Да се чекираме со време. ‘Златна бубамара’ го најавува летот број 27. Билетите може да ги подигнете од 25 јануари“, вели Петровиќ.
Шоуто кое ги наградува најуспешните во културата, музиката и спортот од Македонија и регионот годинава е под мотото „Кој чека ќе дочека, редно е да има ред“. Постерот, кој исто така е традиција, содржи пасош на „Република 27 Златна бубамара“ со логото на радиото.
Се уште не се откриваат гостите ниту водителот или водителите на настанот за кој се бара билет повеќе.
Лани на манифестацијата фалеше актерот Сашко Коцев, кој пред тоа 17 години беше нејзин водител. Објаснувањето беше заради премногу актерски ангажмани, во и надвор од Македонија. Наместо него, на сцената доминираа неговите колеги Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски.