Со ЕУ ќе преговараме и за паметна специјализација на економијата


Еден од основните предизвици на секоја национална економија е како до поголем економски раст и како да се искористат потенцијалите и конкурентните предности на сите чинители во економијата. Европската унија веќе одамна го воведе концептот Паметна специјализација. Во Земјите од Западен Балкан во моментот се одвива процес на дефинирање на концептот Паметна специјализација, истакна денес на прес конференција Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанска комора на Македонија, презентирајќи го концептот на Паметна специјализација.
Таа посочи дека во нашата земја од 2018 година започнат е процес на дефинирање и воведување на концептот Паметна специјализација и во моментот се одвива консултативен процес со приватниот сектор и со институциите во насока на дефинирање на приоритетните сектори, односно дефинирање на секторите кои имаат потенцијал за понатамошен и континуиран раст, развој, иновативни капацитети и апликација преку соработка со научните институции и академската заедница.
Целиот процес на воведување на паметна специјализација во Македонија е во координација на Министерството за образование и наука и Министерството за економија додека, Стопанската комора на Македонија заедно со Платформата за паметна специјализација која е раководена од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија е во процес на консултации со компаниите и институциите и подготовка на Квалитативната анализа која треба да даде насоки кои се секторите во македонската еконија со конкурентни и иновативни предности.

„Квантитативната анализа која е веќе подготвена покажа дека сектори со најголема конкурентна предност во Македонија се: прехранбената индустрија, енергетиката во делот на обновливи извори на енергија, металната, електро, машинската и автомобилската индустрија, ИКТ, туризам, одржливи материјали, минерални суровини итн.“, истакна Аризанковска.
Таа додава дека паметната специјализација претставува пристап на интегрирана економска трансформација која се базира на специјализација, односно искористување на постојните потенцијали во економијата (бизнисот), иновациите и науката. Паметната специјализација, како политика е во корелација со индустриската политика, стратегијата за иновации, конкурентност, регионален развој, стратегијата за образование и развој на вештини.
Паметната специјализација е составен дел и од Берлинскиот процес и МАП РЕА, а е ставена како обврска и во рамки на приспособувањето кон ЕУ, односно преговарачкиот процес – Поглавје 25: Наука и истражување (каде вели дека неопходно е да се развие стратегија за паметна специјализација за поддршка на националните стратегии и политики за истражување и иновации) и со Поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика.
„Искуствата на Србија и Црна Гора при реализација на процесот на преговори покажаа дека неопходно беше да ги приспособат своите економски политики, особено индустриската политика, со принципите на паметна специјализација.
Главна цел на воведување и подготовка на стратегија за паметна специјализација е да ја трансформира македонската економија во конкурентна економија насочувајки ги сите потенцијали на поддршка и развој во приоритетните секторите кои се иновативни и со потенцијал за раст и развој“, вели Аризанковска.
Како што нагласува во понатамошниот период, приоритет за користење на европските и националните фондовни ќе имаат секторите кои ќе бидат дефинирани како приоритетни сектори во рамки на стратегијата за паметна специјализација. Со новите финансиски програми, стратегијата за паметна специјализација ќе биде предуслов за користење на „ХОРИЗОНТ ЕВРОПА“, ИПА, како и други фондови на Европската унија. Приоритетните сектори ќе бидат дефинирани во рамки на подготовката на Квалитативната анализа, што е дел од процесот на подготовка на Стратегијата за паметна специјализација.
Целта е да се идентификуваат области каде македонската економија има потенцијални компаративни предности за понатамошна специјализација и развој.
Ова е исклучително значајно во процесот на креирање подобри економски политики со цел максимизирање на позитивните ефекти од државната поддршка за приватниот сектор преку насочување на истата кон претходно идентификуваните сектори согласно потребите и можностите на секој сектор и изнаоѓање на механизми за зголемена соработка на бизнис секторот со академијата и научноистражувачките центри.
„Практично, овој процес е инклузивен и се базира на активна вклученост на клучните чинители од науката, граѓанскиот и приватниот сектор во дизајнирање и имплементирање на фазите од процесот на градење конкурентски предности на земјата. Се разбира, Владата е главниот координатор на процесот кој треба да ги имплементира предложените мерки од страна на клучните чинители“, истакна Аризанковска.