Со донаторска вечер и химна стартува со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
На 29 јануари, во 19 часот, во Станица 26, ќе се одржи донаторската вечер „Threads of Light“, настан со кој официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта ќе ги обедини уметноста, музиката и граѓанската свест во една заедничка порака за одговорност, грижа и потреба од подлабока општествена промена. Животот на 22-годишната дизајнерка од Неготино згасна кога на 29 јануари, 2025 беше прегазена на булеварот ,,Партизанска” во Скопје.

Во рамки на настанот ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци, а средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот и културата на одговорност како и поддршка на млади уметници и креативци, како продолжение на љубовта и делото на Фросина.

Посебен и емотивен момент на вечерта ќе биде премиерната изведба на химната „Фросина“, од авторот Александар Митевски со Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева. Баладата, создадена како искрена и длабоко лична почит кон Фросина, е и силна јавна порака за смисла, одговорност и промена. Текстот на Огнен Неделковски и музиката и аранжманот на Александар Митевски настанале во силен емотивен порив, во период кога, како што велат авторите, зборовите и мелодијата не дозволувале тишина. „Фросина“ не се појавува како обично музичко дело, туку како исповед, завет и јавна порака. Првичната демо-снимка, отпеана со гласот на самиот автор, била прифатена да остане и финална верзија поради нејзината автентичност и силната емоција со која е создадена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата кои се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи.