Со Аналена Бербок германската дипломатија влегува во нова ера


Аналена Бербок вели дека не може да има компромис кога се работи за демократијата

Колидерката на Зелените ќе биде прва жена на чело на германското министерство за надворешни работи. Нејзините ставови дека Македонија мора да веднаш да ги почне преговорите со ЕУ влегоа и во владината програма. Бербок има и многу поцврст став кон Русија и Кина

 

Љупчо Поповски

Откако во понеделникот Зелените објавија дека нивните членови во непосредното изјаснување со огромно мнозинство го поддржаа коалицискиот допговор меѓу нив, социјалдемократите и либералите падна и последната формална пречка за во среда Олаф Шолц да даде заклетва како нов канцелар на Германија. А со него и целата трипартитна влада. Во неа специјално место ќе има колидерката на Зелените, Аналена Бербок на местото министерка за надворешни работи.

Со тоа Бербок ќе испише историја, затоа што ќе биде прва жена на чело на германската дипломатија, но уште повеќе, судејќи според најавите, таа треба да отвори нова ера во германската надворешна политика. Повеќе насочена кон заштита на темелните демократски вредности, цврста определеност за евроатлатнските сојузи, многу поостар став кон Русија и Кина. А и кон „лошите момчиња“ во ЕУ, како Виктор Орбан.

Мајката на две деца е опишана како брза во размислувањето и истрајна, со прецизно внимание на деталите за политиката. „Таа продолжува да поставува прашања додека навистина не сфати некоја тема“, изјави партиски извор за дневниот весник „Ханделсблат“. „Таа не може да биде измамена“.

Веројатно не може да биде измамена, но поради неискуството Бербок во кампањата за изборите, на кои беше кандидат на Зелените за канцелар, направи повеќе погрешни чекори кои придонесоа да се стопи предноста на нејзината партите во последните два месеци од кампањата. Таа беше ставена под лупа поради задоцнетата изјава за бонус во примањата како пратеник, неточности во нејзиното CV и наводите за плагијат во нејзината нова книга. Тоа предизвика од миленичка во јавноста да стане мета за отстрел и да се проектира во десничарските медиуми како несоодветна за функцијата канцелар. Бербок беше цел на неверојатни сексистички напади и треба да се каже дека „машки“ ги издржа. Таа призна дека направила грешки во кампањата, а подоцна ја повлече својата книга од пазарот.

Бербок ја надмина бурата, а ко-водачот на Зелените Роберт Хабек, похаризматичниот од дуото лидери, лојално ги одби повиците да ја замени како кандидат за канцелар. Хабек сега е подготвен да раководи со новото „супер министерство“ кое ги групира портфолијата на економија, заштита на климата и енергија. Настаните некогаш знаат целосно да ги испревртат работите. Бербок беше кандидат за канцелар, а во новата влада нема да биде ниту вицеканцелар.

Еве некои работи кои би требало да ги знаете за Аналена Бербок.

 

РАНИТЕ ГОДИНИ  Аналена Бербок е родена во 1980, истата година кога во Западна Германија беше формирана партијата Зелени. Тоа може да има некаква симболика, но не мора. Партијата беше формирана од коалицијата на пацифисти и противници на нуклеарната енергија. Одрасна во мало место близу Хановер во Долна Саксонија како прва од трите ќерки на таткото механички инженер и мајката работник за социјално образование. Некои велат дека атмосферата во семејството била полу-хипи, но ни блиску до политичка.

Во нејзините средношколски времиња по пат на размена заминува на една година во Орландо, Флорида. Осамена, со скромно познавање на англискиот јазик, дел од времето го поминува во спортот – натпреварувајќи се на трамболина, она што го тренираше во Германија. По училиштето се запишува на студии по политика и право во Хамбург. Тогаш, во 1998 година Зелените, веќе здружени со Алијанса 90, продукт на граѓанското движење од поранешната Источна Германија, влегуваат во владината коалиција на социјалдемократот Герхард Шредер, со што станаа дел од мејнстрим политиката. Во 2005 година замина за Лондон на постдипломски студии по меѓународно право и надворешна политика на престижната Лондонската школа за економија. Оттогаш нејзиниот англиски јазик станува течен. Животот во скапиот град со малку пари ја соочи со англискиот социјален и здравствен систем, а тоа особено го разбра кога се разболе.

 

ВЛЕЗОТ ВО ПОЛИТИКАТА  Во 2005 година им се приклучува на Зелените и како свеж постдипломец од Лондон прво почнува да работи во еден локален весник во Хановер надевајќи се дека ќе стане воен репортер, а брзо потоа почнува да работи во кабинетот на една европретеничката на Зелените. Еден нејзин колега од тоа време во Брисел и Стразбур се сеќава: „На почетокот таа изгледаше срамежливо и интровертно. Но многу скоро се покажа како добар организатор, модератор и предводник, знаеше да преземе иницијатива“. Бербок како ретко кој од „западњаците“ во Германија покажува интерес за луѓето од германскиот и европскиот исток. Нејзините колеги велат дека неверојатно брзо ја апсорбирала културата на Брисел и калибрирањето на различните интереси во Европскиот парламент. Таа разбра дека политиката во ЕУ е едно, а онаа во Германија друго.

Во 2008 година се преселува во Берлин заедно со нејзиниот тогашен партнер и сегашен сопруг Даниел Холефлајш, политички стратег блиску поврзан со Зелените. Бербок стана советник на пратеничката група на Зелените во Бундестагот за надворешни и безбедносни прашања. Во 2013 година беше избрана за пратеничка, а потоа и во 2017.

Уште во нејзините први години меѓу Зелените таа одигра важна улога во закопување на децениските поделби во партијата меѓу фундаменталистите и реалистите – или Fundis и Realos.

 

НА ЧЕЛО НА ПАРТИЈАТА Таа стана одговорна за климатската политика на нејзината парламентарна група, сржта на самите Зелени. Тоа се претвори во извонредна можност за неа: климатските прашања станаа клучна политичка агенда не само во Германија, туку во целиот свет. Германските аналитичари се сеќаваат и денес за нејзиниот настап пред рударите во Лаусиц во источен Бранденбург, кои се плашеа за своите работни места.

Пред изборите во 2017 година за Бербок веќе се зборуваше за можниот иден лидер на партијата. По изборите таа беше дел од преговарачкиот тим на Зелените со ЦДУ/ЦСУ и за демохристијаните беше чудно како со Аналена Бербок може брзо да најдат решение во комплицираните преговори за идната влада. Но тоа се растури кога третиот потенцијален партнер, либералите, нагло ги напушти преговорите.

Лидерството на Зелените од секогаш е двојно: еден маж и една жена. На конгресот во 2018 година харизматичниот Роберт Хабек (писател и преведувач, а и со искуство како министер и потпретседател на покаринската влада во Шлезвиг-Холштајн на северот) беше голем фаворит кај членството. Бербок реши да се кандидира за женското претседателско место. Таа во еден инспиративен говор на делегатите им порача дека тие треба да изберат силна личност, а не само „жена покрај Хабек“. Тој освои 81 отсто од гласовите, а таа 64.

Оттогаш двајцата работат како тим. Делат иста канцеларија и ист кабинет. Одлуките ги носат заедно, а главната цел е германското општество да ја препознае центристичката политика на Зелените како важна за целата држава. Германските аналитичари ја оцртуваат главната разлика меѓу двата ко-лидери: Бербок е попрагматична и повеќе насочена, а Хабек повеќе зборува за пошироките линии на политиката.

Колидерство кое функционира како едно: Аналена Бербок и Роберт Хабек

 

НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА  Аналена Бербок има најголемо искуство во надворешната политика, затоа што во тој сегмент таа има најголемо искуство. Нејзините ставови кон Русија и Кина, и кон другите авторитарни режими, се многу поцврсти од политиката на Меркел и на досегашната влада. За Бербок не може да има некаков поднослив баланс меѓу економските интереси на Германија и човековите права.

Зелените се спротивставуваат на гасоводот „Северен поток 2“, кој го носи рускиот гас во Германија, но ги заобиколува Украина и Полска. Бербок е против инвестицискиот договор меѓу ЕУ и Кина. Таа е посветена на европската соработка, промоцијата на демократијата, германското членство во НАТО и цврст сојуз со САД. 

Пред некој ден, во интервју за „Шпигел“ таа беше остра околу белорускиот авторатитарен лидер. „Доживуваме двојна уцена од Лукашенко. Од една страна, бегалците се злоупотребуваат за да се подели Европа. Од друга страна, владата во Минск сака да биде признаена од Европејците како партнер во преговорите, иако ја угнетува опозицијата. Не можете да дозволите да бидете уценувани од диктатори. ЕУ мора да застане заедно како заедница на вредности. Затоа е правилно да се заострат санкциите и да се продолжи да се врши притисок врз режимот на Лукашенко. Во исто време, дипломатијата секогаш значи барање дијалог“.

Според неа, силната германска надворешна политика може да биде само европска. „Итно треба да се оживее Вајмарскиот триаголник – Варшава, Берлин и Париз се клучни за Европа. И иако имаме неколку точки на контроверзност со полската влада, јасно е: ни треба блиска соработка со нашите источноевропски партнери“, вели Бербок за „Шпигел“.

Македонија може да очекува зголемен ангажман на Берлин со Аналена Бербок околу нејзиниот проблем со Бугарија. Зелените единствени во изборната програма имаа дел во кој беше нагласен Западен Балкан и неговата интеграција во ЕУ. Тоа сега стана и официјален дел од програмата на новата влада. Со посебен акцент дека ЕУ мора најбрзо што може да ги почне преговорите со Македонија и Албанија. Тоа не е мала работа. Тоа е, всушност, многу повеќе од сите години на вербална поддршка на владите на Ангела Меркел.