Снегот предизвика сообраќаен хаос на Балканот, во Словенија го попречува спасувањето на двајца планинари


Снежното невреме низ Балканот денеска предизвика сообраќаен хаос, затвори училишта и остави илјадници домови без струја во Хрватска и Босна, додека лошото време во Словенија ги попречува напорите за пронаоѓање на двајца планинари изгубени на Алпите.

Како што пренесува Бета, според прогнозите, невремето се движи кон Србија и метеоролозите ги предупредуваат луѓето во западниот дел на земјата да избегнуваат патување и да се подготват за евентуални прекини на струја.

Планинари од Унгарија, маж и жена, се изгубиле вчера во планините северно од Љубљана при неповолни временски услови, а еден од нив има скршеница на ногата, јави словенечката агенција СТА.

Според истиот извештај, спасувачката мисија била прекината во текот на ноќта поради силниот ветер, слабата видливост и ризикот од лавина, а продолжила изутрината, со тоа што хеликоптерот не можел да полета поради лошото време за да стигне до планинарите кои биле исчезнати на надморска височина од околу 1.700 метри.

Шефот на планинската спасувачка служба Јернеј Ланишек изјави дека спасувачите се поблиску до исчезнатите, но и дека, според него, операцијата не може да се заврши пред вечерта. Во спасувањето учествуваат 40 лица.

Во соседна Хрватска сообраќајот е забранет на повеќето патишта во Лика и на некои делови од автопатите. Невремето на Јадранот го запре сообраќајот на фериботите меѓу брегот и островите.

Властите на Хрватска и Босна ги повикуваат граѓаните да избегнуваат патувања поради лошите временски услови.

Во северозападниот дел на Босна и Херцеговина, наставата во училиштата е прекината поради силно невреме. Околу 200.000 домови се соочуваат со прекин на електричната енергија, а на камионите и другите тешки возила им е забрането движење во многу делови од земјата.

На возачите им се препорачува да бидат „на високо ниво на претпазливост“ и да не патуваат без зимска опрема. 

Во БиХ две државјанки на Турција спасувани од ГСС – Ги-пи-ес ги однел в неврат

Членови на Планинската спасувачка служба (ГСС) денеска спасија две Турчинки кои останаа заглавени во снегот на планината Прењ во Босна и Херцеговина, јавува Anadolu.

Пробивањето до отсечените Турчинки траеше час и половина и беше тешко поради длабочината на снегот и локацијата.

„Само што собравме две Турчинки кои тргнаа на погрешен пат користејќи навигација од Сараево кон Мостар. Тие беа упатени преку Коњиќ, кон Дабиќа полјана, односно Прењ. Тие застанаа таму со својот автомобил во снегот и не можеа да се вратат или да одат напред. Ги фатило паника“, изјави Адис Каркеља од ГСС Прењ и додаде: „Беа преплашени, бидејќи не знаеја што да прават и каде се. И веруваа на навигацијата и очекувале да ги однесе на најкратката рута, што обично е голема грешка“.