Смртта на Морси: Како Каиро го контролираше наративот


Каиро – Ако египетските дневни весници се единствениот извор на вести, можеби ќе се разбудевте во вторникот за да откриете дека еден граѓанин со име Мухамед Морси ал-Ајат починал вчерашниот ден за време на судското сослушување за обвиненијата за шпионажа.

Всушност, навидум незабележливиот 67-годишник е првиот демократски избран, цивилен претседател на Египет. Високиот член на Муслиманското братство беше избран во јуни 2012 година и беше соборен една година подоцна од страна на војската на бранот на народните протести.

Оваа информација беше ирелевантна за изданијата на египетските весници на 18 јуни, кои очигледно отфрлија какво било повикување на претседателството на Морси. Хомогеноста беше уште поостра: поголемиот дел од весниците го објавија истиот текст од 42 збора за објавување на смртта на поранешниот претседател.

Оваа приказна од 42 збора беше испратена до уредниците на вести од страна на владин субјект преку апликацијата за праќање пораки „WhatsApp“, практика што сѐ повеќе се користи од страна на властите да го диктираат пишувањето на медиумите, според еден извор кој работи во еден од весниците. Ова дојде заедно со инструкции кратката вест за смртта на Морси да се помести на внатрешните страници, а не на насловната страница, додава изворот.

За време на емитувањето во живо на телевизиски канал во сопственост на Генералната разузнавачка служба, водителот – читајќи од „идиотот“ – го заврши својот извештај за смртта на Морси, велејќи: „Испратено од уред ‘Самсунг’“, во очигледен гаф што укажува дека телевизиските куќи, исто така, добиле сценарија како да изгледаат нивните извештаи.

Додека весниците беа известени за смртта на Морси околу 10 минути откако беше прогласен за мртов по транспортирањето во болницата, каде што беше однесен по паѓањето во несвест во текот на судското рочиште, повеќето весници чекаа службени инструкции за тоа како да го покриваат настанот, според изворот.

Упатствата беа проследени од трите државни весници: 42-та збора беа испланирани на третата страница на „Ал-Ахбар“ и „Ал-Гомореја“ и на четвртата страница во делот „Инциденти“ во првото издание на „Ал-Ахрам“. Приказната беше преместена на централната позиција на страницата во второто издание на „Ал-Ахрам“, кога беа додадени изјави на Јавното обвинителство.

Приватните весници, исто така, се придржуваа до упатствата. „Јоум7“, „Ал-Достур“ и „Ал-Шороук“ ја објави „Whatsapp“ приказната на својата трета страница. Ал-Ватан, исто така, ја објави веста на третата страница, повикувајќи се на изјавата на канцеларијата на јавниот обвинител.

Единствен исклучок од униформниот распоред и извештај дојде од „Ал-Масри ал-Тим“, кој ја објави веста на насловната страница и ја спомна титулата на Морси како поранешен претседател.

Интересот на државата за контрола на наративот околу смртта на Морси беше уште поочигледен во соопштението на Државната информативна служба (СИС) објавено во раните утрински часови во вторникот. Телото одговорно за „регулирање“ на медиумското покривање на странските медиуми беше бесно кон „твитот“ објавен од страна на Сара Ли Витсон, директор на Блискиот Исток за Хјуман рајтс воч, во кој таа ја поврза смртта на Морси со „неможноста да му дозволи соодветна медицинска нега, семејни посети“.

СИС, на чело со Дија Рашван, шеф на Синдикатот на новинарите, објави соопштение во кое се вели дека Витсон паднала на „нова етичка нискост“ и дека нејзините наводи за медицинска негрижа биле „ништо друго освен неосновани лаги“. Во соопштението се истакнува официјалниот извештај во 2017 година, велејќи дека Морси „е во добра здравствена состојба и дека има само дијабетес“, и покрај многубројните извештаи на организациите за човекови права кои документираат дека здравјето на поранешниот претседател се влошило како резултат на медицинско запоставување во притворот.

Морси почина во понеделникот за време на неговиот случај за шпионирање. Откако му се обрати на судот, Морси падна во несвест покрај другите обвинети во кафезот. Веднаш беше однесен во болница, каде што лекарите го прогласија за мртов по пристигнувањето.

Според Абдел Монеим Абдел Максуд, еден од адвокатите на Морси кој зборуваше по телефон со „Мада маср“, Морси побарал од судот да му дозволи да се сретне со неговиот претставник при неговото конечно обраќање, тврдејќи дека неговиот адвокат, назначен од судот, немал потребна информација правилно да го брани. Откако му беше забрането да има правни консултации, поранешниот претседател се спореди со слеп човек кој не знае ништо за она што се случува на неговото судење или во медиумите.

Морси беше погребен во вторникот изутрина на гробиштата во Каиро, Мадинет Наср, каде што се погребени и други истакнати исламисти. Според Абдел Максуд, сите членови на потесното семејство на Морси биле присутни на погребот. Ахмед Морси, син на поранешниот претседател, објави на својата страница на „Фејсбук“ дека властите го спречиле неговото семејство да го закопа Морси во нивните семејни гробишта во провинцијата Шаркија. (Мада маср)