Смирува и делува против несоница: Чајот од маточина ги решава и стомачните проблеми, а еве кој не треба да го пие
Чајот од маточина најчесто се препорачува како природен седатив.
Чајот од маточина најчесто се прави од лисја, а мирисот на ова растение потсетува на мирисот на лимонот. Листот од маточината содржи флавоноиди, деривати на кумарин, полифеноли, танини, тритерпени, сесквитерпени, есенцијално масло (богато со цитрал и цитронелал) и органски киселини, поради што има многу корисни ефекти за организмот.
Активните состојки на листовите маточина имаат антиинфламаторно, антиспазмодично и аналгетско дејство и благо смирувачки делуваат на нервниот систем. Употребата на чај од маточина против анксиозност, нервоза, несоница и срцеви палпитации е најпозната и најраспространета, но може и да ги ублажи стомачните заболувања – грчеви, болки и дигестивни проблеми.
Се препорачува и за ублажување на менструалните проблеми, како и за мигрена и забоболки.
Подготовката е едноставна:
Една лажица листови од маточина прелијте со 200 мл врела вода, покријте и оставете да отстои 10 до 15 минути. Процедете и пијте две до три шолји чај дневно.
Некои истражувања покажаа дека овој чај има ефект на намалување на функцијата на тироидната жлезда, па луѓето кои имаат проблеми со тироидната жлезда не треба да го консумираат.
Исто така, не се препорачува за возачи, како и за луѓе кои вршат работи за кои е потребна висока концентрација.