Словенија утре официјално го започнува процесот за признавање на Палестина како независна држава


Владата на Република Словенија во четврток треба да покрене процедури за признавање на Палестина како независна држава, соопштија од кабинетот на премиерот на Словенија.

„Словенечката јавност веќе беше информирана за оваа намера кога премиерот Роберт Голоб и неговите колеги премиери на Шпанија, Ирска и Малта потпишаа изјава за признавањето на Палестина во Брисел на маргините на Европскиот совет во март, кога признавањето ќе донесе позитивни ефекти за состојбата во Газа и кога е најповолен момент за тоа“, соопшти Владата на Словенија.

Владата на Словенија веќе подготвува предлог за започнување на процесот за признавање на Палестина на таков начин што „признавањето ќе придонесе за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците“, додаваат тие, повикувајќи на итен крај на злосторствата во Газа, што бара итен прекин на израелските напади врз Газа и барање решенија на преговарачка маса.

Владата на Република Словенија, исто така, останува во контакт со истомислениците, „но одлуката за начинот и времето на признавање е суверена одлука на поединечната држава“, додаваат тие.

На крајот на март, на маргините на самитот на ЕУ, премиерите на Словенија, Шпанија, Ирска и Малта усвоија заедничка изјава во која изразија подготвеност да ја признаат Палестина кога тоа може да се направи ефективно и кога се соодветни околностите.

Министерката за надворешни работи Тања Фајон, исто така, повеќепати изрази поддршка за признавањето на Палестина.

За да ја признае Палестина, Владата прво ќе треба да донесе одлука за признавање на Палестина, а потоа актот за признавање треба да биде одобрен од парламентарната Комисија за надворешна политика и Националното собрание. За усвојување на актот за признавање на Палестина е потребно просто мнозинство во Националното собрание.