Словачка во шок – судот го ослободи бизнисменот обвинет за убиството на новинарот Куцијак


Маријан Кочнер за цело време на просецот тврдеше дека е невин

Извршителот на убиството на новинарот е веќе осуден, но по ослободувањето на Маријан Кочнер прашање е кој бил нарачателот

 

Панел на судии во Словачка го ослободи бизнисменот обвинет за организирање на убиствата на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова во 2018 година.

Судијката Ружена Сабова во Специјализираниот кривичен суд во Пезинок во четвртокот изјави дека нема доволно докази за осуда на бизнисменот Маријан Кочнер и на еден сообвинет. Обвинителите можат да се жалат на пресудите.

„Единствено што можам да кажам е дека сум згрозен“, им рече на новинарите таткото на новинарот, Јозеф Куцијак.

Куцијак беше застрелан во градите, а Кушнирова во главата во нивниот дом во градот Велка Мача, источно од Братислава, на 21 февруари 2018 година.

За време на судењето на Кочнер, обвинителите му рекоа на судот дека бизнисменот, наводно, му се заканил на новинарот по објавувањето на сторија за неговите деловни зделки. Генерално, Куцијак објави девет стории за Кочнер.

Куцијак поднесе жалба за наводните закани во 2017 година и тврдеше дека полицијата не постапила по нив. Тој испитувал можна корупција во владата кога бил убиен.

Двајца други обвинети претходно беа осудени. Поранешниот војник Мирослав Марчек се изјасни за виновен за убиството на Куцијак и Кушнирова и беше осуден на 23 години затвор во април. Обвинителите рекоа дека Кочнер му платил на Марчек да ги изврши убиствата.

Друг обвинет, кој се однесувал како посредник, Золтан Андрушко, се согласил да соработува со обвинителите во замена за помала казна и во декември доби 15-годишна затворска казна. Тој сведочеше дека Кочнер ги наредил убиствата.

На бизнисменот Кочнер му се закануваа 25 години затвор, но сомнежите започнаа да се појавуваат на почетокот на август, кога судот ја одложи пресудата. Државното обвинителство, исто така, достави нови докази, што беше индикатор за некои набљудувачи дека ниту обвинителите не беа убедени дека имаат цврст случај.

Политичките последици ја потресоа Словачка. Прво, минатата година, либералната активистка и адвокатка Зузана Чапутова беше изненадувачки избрана за претседател, а потоа на почетокот на годината, на парламентарните избори триумфираше партијата Обични луѓе и независни личности на Игор Матович, кој наскоро стана премиер. Социјалдемократскиот естаблишмент е растурен.

Но, убиството на Куцијак, од кого започна сè, очигледно сè уште не е решено. Треба да ги чекаме жалбите и конечната пресуда, но ако Кочнер не е нарачател, кој е тоа? Истрагата полицијата ја водеше главно во таа насока.

Човекот што го повлече чкрапалото во февруари 2018 година, поранешниот војник Мирослав Марчек, тврди дека наредбата ја добил од медијатор, и дека Кочнер го видел само на телевизија и не знае дали има врска со убиството.

Посредникот – во меѓувреме осуден на 15 години – ги товареше Кочнер и неговата соработничка Алена Жужова. Двајцата оставија траги и во меѓусебната преписка. Според обвинителството, Жужова со години се грижи за валканите работи на Кочнер, вклучително и изнуда.

Кочнер, пак, цело време тврдеше дека е невин и дека Куцијак не откри ништо за него за што веќе не беше пишувано во другите медиуми. Бизнисменот рече дека словачкиот печат веќе го осудил однапред. (Според агенциите)