Слонот, глушецот и митовите за „неутралноста“ на Македонија
По руската воена агресија во Украина, митовите дека Македонија треба да биде неутрална се шират како печурки по дожд, особено на социјалните мрежи
„Ако слонот со нога ја гази опашката на глушецот, a вие кажете дека сте неутрални, тогаш глушецот нема да ја цени вашата неутралност“
Дезмонд Туту, нобеловец за мир и борец за правда
Прочуена е поуката на миротворецот Дезмонд Туту, дека ако останете неутрални во ситуација на неправда, тогаш сте ја одбрале страната на угнетувачот. Проникливо е и неговото укажување за слонот и глушецот, кое ни помага да воспоставиме емпатиски однос со жртвата на угнетувањето, наместо да се занимаваме со угнетувачот и неговите каприци.
На почетокот на воената инвазија на Русија во Украина, Москва се однесуваше како азиски слон кој ја гази опашката на полски глушец со закана дека ќе го смачка за само неколку дена. Но, три месеци по воената инвазија станува јасно дека ниту Русија е моќен азиски слон, ниту пак Украина е беспомошен полски глушец. Сепак, поучната паралела за слонот и глушецот може да ни помогне за разобличувањето на дел од домашните проруски пропагандни наративи кои повикуваа на „неутралност“ во однос на воената агресија во Украина.
Неутрални како Србија? По руската воена агресија во Украина, митовите дека Македонија треба да биде неутрална се шират како печурки по дожд, особено на социјалните мрежи. Некои коментатори убедуваат дека Македонија треба да биде неутрална во однос на руската агресија на Украина, исто како што била Србија. Но, истите како да забораваат дека самата Србија покажа на дело дека не е политички неутрална во врска со штетните дејанија на рускиот слон во Украина. Србија не само што гласаше за Резолуцијата на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина, туку гласаше и за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН.
Исто така, на Србија воопшто не ѝ паѓа на памет „да си пука во нога“ (Вучиќ) и да го признае Крим како дел од Русија, а отпадна и една од двете главни причини зошто не сакаше да воведе санкции. Откако Путин почна да ги правда своите империјалистички претензии кон Крим и другите делови од Украина повикувајќи се на случајот со Косово, српските провладини пропагандни изданија свртеа нов лист. Почнаа да објавуваат сензационалистички наслови дека „Путин ги заборави Србите“ и дека „Путин им заби нож во грбот на Србите“.
Аналитичарите веќе укажуваат дека Србија тешко ќе може да продолжи да седи на две столчиња. Ако сака да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ (каде што одат две третини од извозот на Србија), Вучиќ ќе мора да избере страна и да ја усогласи својата надворешна политика со политиката на ЕУ. А ЕУ не е кратенка за Евроазиска унија, туку за Европска унија која е дел од Западот – истиот тој Запад кој е демонизиран како црн ѓавол од империјалистичките пропагандисти на Путин, додека дивее рускиот слон во Украина.
Неутрални како поранешна Југославија, сегашна Турција или Бугарија? Застапниците на идејата дека Македонија може да биде “неврзана” или неутрална како поранешна Југославија, намерно забораваат дека ни Југославија не беше неутрална при реална опасност од инвазија на Сталин, по Титовото НЕ во 1948. Додека Сталин водеше жестока црна пропаганда против „нацистот“ Тито, Југославија беше воено помагана од Западот и стапи во Балкански пакт со две членки на НАТО (Грција и Турција).
И членката на НАТО Турција беше дел од 141 држави кои ја осудија руската агресија во Украина. И за Турција не може да се каже дека е неутрална во врска со руската агресија, сѐ додека ја снабдува украинската армија не само со ефикасните дронови „бајрактар“, туку и со друга напредна воена технологија која го попречува дивеењето на рускиот слон во украинските степи.
И Бугарија (која како национален празник го слави денот на „ослободувањето“ од страна на Русија) ја осуди руската воена агресија, воведе санкции кон Русија и протера руски дипломати. Откако бугарскиот министер за одбрана јавно застапуваше неутрална позиција во однос на руската агресија во Украина, беше веднаш разрешен.
Неутрални како Финска и Шведска? Зошто Шведска и Финска веќе не се неутрални земји, туку побараа да станат членки на НАТО? Затоа што нивната воената неутралност веќе не е никаква безбедносна гаранција, ниту пак нуди некаква заштита, кога си соочен со заканата од агресивниот руски слон.
Како што укажа еден наш аналитичар, се случи „Наместо ‘финландизација’ на Украина – ‘натоизација’ на Финска и Шведска“. Најавите на Зеленски, дека е подготвен да преговара за неутрална Украина со безбедносни гаранции, не доведоа до договор и прекин на руската инвазија затоа што империјалистот Путин очигледно не сака ниту неутрална, ниту демилитаризирана, туку распадната Украина.
Неутрални како „Швајцарија на Балканот“? Дури и традиционално неутралната Швајцарија (која има најстара политика на воена неутралност), воведе санкции против Русија по руската инвазија во Украина заради сериозните прекршувања на меѓународното право. По санкциите и замрзнувањето на дел од банкарските сметки на руски олигарси, Русија ја смести и неутралната Швајцарија на листата на непријателски земји. Швајцарија, пак, ја засили воената соработка со НАТО, која е поддржана од мнозинството Швајцарци, како и санкциите кон Русија. Економски санкции на Русија воведоа и неутралните Австрија и Ирска, чиј министер за надворешни работи ја осуди „екстремната бруталност” на руската инвазија.
Историски гледано, швајцарската политика на неутралност како решение за Македонија беше застапувана од страна на поранешниот лидер на ВМРО, Ванчо Михајлов, кој тврдеше дека „Македонија треба да стане Швајцарија на Балканот“! Но ниту Михајлов не беше неутрален за време на Втората светска војна (воено соработуваше со нацистите), а ниту ВМРО-ДПМНЕ (која тврдеше дека го продолжува континуитетот со ВМРО на Ванчо Михајлов) не застапува воена неутралност. Иако некои членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ јавно изразуваа воодушевеност од политиката на неутралност на Вучиќ, досега никој отворено не се залага за воена неутралност како онаа на Ванчо Михајлов, ниту пак за кантонизација на Македонија по примерот на Швајцарија.
Неутрални како „Заедничка Македонија“, ГРОМ, ДПСМ и Левица? На денот на воената агресија врз Украина, лидерот на македонскиот клон на партијата Единствена Русија, Јанко Бачев, се залагаше за „неутрална политика во однос на Украина“ и ширеше дезинформации за наводната неутралност на Турција. Истовремено, Бачев ја оправдуваше „руската интервенција“, што секако не е неутрална, туку лицемерна позиција.
И лидерот на проруската партија ГРОМ, во интервју за руското пропагандно гласило „Спутник“, во 2017 се фалеше дека нема друга партија во Македонија која заговара Македонија да биде воено неутрална зона. Но и Стевчо Јакимовски не остана воопшто неутрален во однос на руската воена агресија во Украина, туку се покажа како пропаганден спинер кој се обиде вината за руската агресија да ја префрли на „комичарот Зеленски“.
Идејата за „воено неутрална Македонија“ беше составен дел од Путиновата „иницијатива“ во 2016 за создавање воено неутрална територија на Балканот, која ја потпишаа некои политички партии од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Како што укажа и Стево Пендаровски како национален координатор за НАТО во 2018 – „Главната цел на Русија беше да направи појас од четири држави кои би биле воено неутрални за да го спречи ширењето на НАТО и ЕУ кон регионот“. Руската стратегија на неутралност за да се изолира Балканот од западно влијание не успеа, но руската пропаганда за „воено неутрална Македонија“ продолжува и откако Македонија стана членка на НАТО.
Потписник од Македонија на руската иницијатива за неутрален појас од балкански држави беше партијата ДПСМ на Иван Стоиљковиќ, еден од тројцата пратеници кои гласаа против Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Другите двајца пратеници кои гласаа против декларацијата за осуда, поддржана од 100 пратеници, беа од Левица, чиј претставник тврдеше дека „клучен интерес на Македонија, како мала држава, е во вакви конфликти на големи сили да задржи неутралност“. Но, и самата Левица воопшто не задржа неутралност во однос на конфликтот, туку го покани рускиот амбасадор во Собранието, афирмирајќи ја терминологијата на Кремљ дека руската инвазија во Украина е всушност „специјална воена операција“ и дека целта била „денацификација“. И партиското гласило на Левица, „Антропол“, кое божем промовира неутралност, воопшто не е неутрално, туку шири руска милитантна и империјалистичка пропаганда преполна со дезинформации и лажни вести за војната во Украина.
Квази-неутралците како симптом на руско влијание Накусо, повеќето политички приказни за воена неутралност на Македонија, се симптом на руско пропагандно влијание во регионот. Целта на „моралните“ и политички приказни за неутралноста е да го оправдаат правото на воено посилниот и да го дефокусираат вниманието на јавноста од страдањата на жртвите од дивеењето на рускиот слон во украинските степи.
Квази-неутралците ќе ве убедуваат дека рускиот слон е мирољубив и питом, дури и ако го ставите во продавница за порцелан. Но по три месеци руска воена инвазија врз Украина, што би кажале за ваквата „неутралност“ десетиците илјади цивилни жртви, кога би можеле да зборуваат? Што би кажале за ваквата бесчувствителност стотиците илјади со разурнати домови? Што би кажале неколкуте милиони бегалци од Украина?
Колку повеќе докази за илјадниците воени злосторства во Украина излегуваат на виделина, толку ќе им е потешко на квази-неутралците да обезбедат веродостојност за нивните пропагандни прикаски за „неутралноста“.
(Жарко Трајаноски е аналитичар)