„Поетска ноќ во Велестово“ ја враќа поезијата таму каде што започнала на праизворот – во рурална средина меѓу луѓето
Од малото охридско село Велестово до поетските мапи на Европа, „Поетска ноќ во Велестово“ речиси четири децении ја гради својата приказна како фестивал што не сака поезијата да ја затвори во салоните, туку да ја врати таму каде некогаш и започнала – меѓу луѓето, вели во интервју за МИА основачот на фестивалот, поетот, Славе Ѓорѓо Димоски, во пресрет на новото 38. издание на манифестацијата.
Фестивалот денес е препознатливо место за средба на поети, музичари, сликари…, но и простор во кој различните јазици, култури и уметнички изрази се претвораат во еден заеднички јазик.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје.
Со Димоски разговаравме за значењето на престижната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, нејзината скоро четири децениска виталност, моќта на местото, младите поети, но и за иднината на поезијата во време на брза дигитална комуникација.
Основач сте на една од најреномираните поетски манифестации во земјата, што значи денес „Поетска ноќ во Велестово“ по повеќе од три децении постоење и дали фестивалот сè уште ја има истата поетска енергија со која започнал?
-Фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ полека ја затвора четвртата деценија од основањето и стана своевиден феномен кој собира различни уметници од Македонија, Балканот и од светот. Препознатлив е и оригинален во својот отворен концепт кој дозволува постојано надградување и постојано движење низ сите уметнички сфери кои, веќе триесет и осум години ја одржуваат неговата свежина. Со секое ново издание фестивалот ја обновува „поетската енергија“, бидејќи носи нови содржини и возбуди, а тоа најмногу се гледа од реакциите на присутните, пред сѐ, од гостите поети чии впечатоци пренесени во нивните средини и споредувањата со други фестивали низ Европа ја потврдуваат неговата виталност. Не треба да се заборави и фактот дека низ изминатите децении фестивалот стана еден од водечките културни настани во земјава и пошироко, а кон тоа посочува големата популарност меѓу поетите, но и на бројната публиката која го следи со големо внимание. Да споменеме и тоа дека низ неговите содржини поминале и македонските писатели и сликари од највисок ранг, а тоа значи прилог во создавањето и зацврстувањето на раскошниот мозаик на нашата литература и култура.

Што ќе понуди годинашното 38. фестивалско издание?
-И оваа година во својот раскош фестивалот нуди богата програма со поети од Ирска, Хрватска, Бугарија, Србија, Црна Гора, Романија и Македонија. Фестивалските содржини ги следи и богата издавачка продукција на ПНВ Публикации чии изданија на поети – учесници ќе бидат претставени во трите фестивалски вечери. Погоре споменавме дека фестивалот има отворен концепт кој овозможува внесување свежина во содржините, а во таа насока годинава преку два диптиха (вечерно претставувања на по двајца поети) ќе бидат промовирани поетските книги преведени на македонски јазик „Република на тишината“ од Павле Горановиќ (Црна Гора) и „Собирачи на коски“ од Томица Бајсиќ (Хрватска). Ова е првиот диптих кој ќе се одржи на 22 август во Лапидариум при музејот „Куќа на Робевци“ во Охрид, а во вториот диптих на 23 август во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово ќе бидат претставени книгите „Најубавите години на нашите животи“ од Звонко Карановиќ (Србија) и „Утре ќе правиме ангели за пад“ на Маја Ручевќ Карановиќ (Хрватска). Двата диптиха ќе ги модерира Јулијана Величковска.
Првата вечер, на 21 август, традиционално ќе започне на сретсело, со претставување на поезијата на македонскиот поет Јовица Ивановски, а претходно мал музички настап ќе имаат бугарските поети Иван Христов и Петар Чухов. Поетскиот портрет на Ивановски ќе биде проследен со ликовна изложба на Ивана Настески. Во текот на трите дена со своја поезија ќе се претстават триесетина поети од наведените земји и ќе има уште една промоција на книгата „Удут“ од Вероника Димоска, а поетите ќе го посетат и Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО од селото Слоештица, со кој „Поетска ноќ во Велестово“ има потпишано Меморандум за соработка.

Што е она што „Поетска ноќ во Велестово“ ја издвојува од другите поетски фестивали во Македонија и колку местото влијае врз поетите и врз самата поезија што се создава и чита таму?
-Од почетокот, во далечната 1989 година „Поетска ноќ во Велестово“ стартува со нова оригинална програма која се разликуваше од тогашните поетски фестивали, кои и ги немаше многу. Највпечатливо беше тоа што една ваква манифестација се одржува во рурална средина (за тоа време тешко сфатливо), а целта беше да се воспостави директен контакт со обичниот народ и поезијата, односно поезијата да се врати на праизворот, онаму каде што започнала во далечното минато. Низ натамошниот развој „Поетската ноќ“ поезијата и сликарството ги издвои од класичните академски салонски форми, односно уметноста ја доближи до народот, а со тоа се доближивме до исконскиот празбор, зашто сите цивилизации започнале со поезија. Другото што овој фестивал го издвојува од останатите беше претставување на поезијата на македонски поет проследена со изложба на македонски сликар, а таа одлика е задржана и денес. Со растењето и зреењето постојано фестивалот воведува нови и оригинални содржини со што се разликува од останатите, кои имаат ревијален карактер, се собираат мноштво поети, читаат и си заминуваат. Затоа „Поетската ноќ“ е со „помала“ содржина, но крајно прецизно подредена. Сепак најпрепознатливата функција на фестивалот е да воспостави контакт меѓу поетите и обичниот народ, поетите да се запознаваат меѓусебно, да им се овозможи време да бидат заедно, преку дружби и разговори да разменуваат искуства, бидејќи цврстото единство на светот го прави разноликоста… Тоа е едно големо искуство на фестивалот, а низ различни искажувања на поетите, преку нивни текстови или интервјуа само се потврдува неговата вредност.

„Поетска ноќ во Велестово“ е дел од културната меморија на Охридскиот регион. Како се зачувува една ваква традиција и што е потребно за таа да продолжи да живее и кај младите?
-Да, Охрид е културен центар во светски рамки, тука дишат вековите со вечна вдахновеност и секој културен настан, културна иницијатива не може да се оттргне од таа исконска културна прегратка. Овде сѐ е врзано со светото височество на зборот и на бојата, оттука започнуваат светиклиментовите слова, тука езерскиот лазур се меша со боите од фреските насликани од Михаил и Евтихиј. Така и „Поетска ноќ во Велестово“ е дел од вековната културна меморија и продолжува преку зборот, преку јазикот, односна ја возвишува вредноста на различни јазици кои се делови на еден сеопшт јазик кој сите луѓе го чувствуваат, а не го зборуваат. Тоа ме исполнува со оптимизам бидејќи сѐ побројна е младата публика, а фестивалот на младите поети им отвора широки врати за влез во нивниот зборовен свет.

Колку денешното време на брзи информации и дигитална комуникација влијае на поезијата?
-Во ерата на брзи информации и дигитална комуникација поетските фестивали се, може да се рече, изолирани места за промоција на поезијата. Дигиталната ера наметна брза комуникација, зачестено на мониторот се вртат стихови, но чувството меѓу нив како да се наоѓаш изгубен во густа шума е неизбежно и врз тебе паѓа некаква достага и тешко е да се извлечеш од неа. Сакам да кажам дека кажаното на Бранко Миљковиќ „сите ќе пишуваат поезија“ се оствари во оваа дигитална ера и тешко е да се препознаеш како поет меѓу сето тоа. А веќе ги нема литературните списанија, сѐ помалку сериозни критичари, нема литературна критика, посебно новинска, како некогаш и сѐ се сведува на густо сивило во кое полека се губиш. Затоа мислам дека поетските фестивали се единствената форма да ја заживеат поезијата, да ја вратат нејзината свежина. Тие, денес, се единствените места каде што поетот се среќава со јавноста.

И за крај, што би сакале човек што првпат доаѓа на „Поетска ноќ во Велестово“ да понесе со себе кога ќе си замине?
-Па убави впечатоци, спомени од волшебните предели, сината густина на водата, занесните зајдисонца над Охридското Езеро видени од Велестово и желбата пак да ни дојдат.