Слава или смрт во Русија
Русија е сега земја на гоподари на војната во која воената политика на Русија е поттикната од религиозен фундаментализам кој отворено ја слави смртта
Крушат гласини за прикриено натпреварување за наследник на Путин откако неговата освојувачка војна во Украина тргна наопаку. Тоа ни ја разоткрива морбидната патологија на руската политика. Клучните играчи не се организирани партии, туку банди олигарси кои раководат со различни неформални центри на моќ.
Ова е причината зошто најефикасната руска единица во Украина, платеничката група „Вагнер“, не е дел од руската армија. Русија сега е земја на господари на војната, феномен кој обично се поврзува со одметнати и пропаднати држави. Актуелните лидери и претенденти шират трескавична врева за слава на бојното поле. Оваа воинствена култура подразбира хобсовско сфаќање на животот како осамен, сиромашен, валкан, брутален, краток и сè поевтин.
Подемот на паравоените сили во и околу Русија доведе до некои навистина смешни ситуации. Минатата година поранешни припадници на американските и другите западни вооружени сили организираа единица од доброволци да се борат на украинската страна. Во совршена иронија, тие се нарекуваат себеси група „Моцарт“ – директен одговор на „Вагнер“. Можеме само да се надеваме дека ќе ги таргетираат руските позиции со нешто посилно од куглите „Моцарт“.
Но, тука завршува хуморот. Воената политика на Русија е поттикната од еден вид религиозен фундаментализам кој отворено ја слави смртта. Некои руски свештеници им кажуваат на своите верници дека можат „да станат тоа што се“ само преку чинот на убиство. „Специјалната воена операција“ во Украина е борба за „целото божјо создание“. Како што рече еден од главните пропагандисти на Путин, Владимир Соловјов во својата новогодишна порака на руската телевизија: „Животот е крајно преценет. Зошто да се плашиме од неизбежното? Особено кога одиме во рајот. Смртта е крај на земскиот пат и почеток на друг. Не дозволувајте стравот од смртта да влијае на вашите одлуки. Вреди да се живее само за нешто за што можеш да умреш, така треба да биде… Се бориме со сатанисти. Ова е света војна и ние мора да победиме“.
Магомед Хитанаев, чеченски теолог и командант на руската армија, ја прикажува Украина како Содома и Гомора во последните денови: „Се прашуваме: о, Украинци, зошто дозволивте геј паради во Киев, Харков и Одеса? Зошто дозволивте? Зошто не излеговте против нив, против вашата влада која ја презедоа фашистите? Без срам пред бога и луѓето, тие отворено ја шират својата нечистотија“.
За да ги разбереме современите руски идеолози како Соловјов и таканаречениот „дворски филозоф“ на Путин, Александар Дугин, треба да ја испитаме традицијата на рускиот „космизам“, филозофско движење кое започнува со Николај Федоров, просветител од 19. век. Како што пишува Џулс Еванс, професор по филозофија на Универзитетот Квин Мери во Лондон, Федоров „го добил прекарот ‘Сократ од Москва’ поради неговите аскетски навики и радикална филозофија. Тој имаше една сеопфатна цел: постигнување на бесмртност и воскресение на мртвите“.
Меѓу следбениците на Федоров од 20 век беа советскиот научник за ракети Константин Циолковски (кој ја разви теоријата за патување во вселената), писателот на научна фантастика Александар Богданов (кој веруваше дека со трансфузија на крв може да се продолжи животот) и – соодветно – религиозниот мислител Владимир Соловјов.
Според Еванс, раниот Владимир Соловјов повикуваше на „универзална теократија под царот на Русија, која би ја забрзала „долгата и тешка транзиција на човештвото од ѕвер-човештво кон богочовештво“. Штом тоа ќе се постигне, верниците „ќе станат бесмртни духовни суштества – досега само Христос ја достигна оваа фаза, но целото човештво наскоро ќе го следи“. Додека Соловјов веруваше дека оваа еволуција може да се унапреди со магија, самиот Федоров се залагаше за научни средства. И двајцата на крајот „се согласија дека човештвото ќе биде спасено од руската теократија“.
Денис Султанхалиев од Универзитетот во Тарту во Естонија, ги истражуваше врските помеѓу Соловјов и мистицизмот на рускиот космизам. Постои директна врска помеѓу космизмот од првата деценија на Советскиот Сојуз и нихилизмот на заканите на Путин за употреба на нуклеарно оружје.
Клучот овде е верата во воскресението и вечниот живот. Космизмот се појавил во согласност со руската православна верзија на христијанството, чија основна формула гласи: „Бог стана човек за човекот да стане бог“. Космистите го гледаат Богочовекот Христос како пример кон кој треба да се стреми целото човештво. Спротивно на тоа, Мартин Лутер го гледал човекот како божји измет – како нешто што испаднало од божјиот анус.
Додека гледаме каде води идеолошкото лудило во Русија, мора да бидеме свесни за неговото потекло во руското православие. Многумина на Запад ја гледаат оваа традиција како противотров на либералната декаденција, наводно, иницирана од протестантизмот. На перверзен начин тие се во право: смртта навистина ги решава сите проблеми.
(Славој Жижек, професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии, е меѓународен директор на Институтот за хуманистички науки Биркбек на Универзитетот во Лондон. Текстот е дел од мрежата „Проект синдикејт“.)