Скринингот треба да заврши дури во ноември 2023 година

Скринингот е во две фази – објаснувачки и билатерален. Тој веќе почна во Брисел, но вистинскиот старт за објаснувачкиот скрининг е на 15 септември


Фото: Б. Грданоски

 

Одговарајќи посредно на тврдењата на лидерот на опозицијата, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Mаричиќ, денеска изјави дека скринингот со Европската унија е веќе почнат и тој треба да заврши до ноември 2023 година. За тоа бил претставен календар во Брисел. На прес-конференција, тој денеска во детали го објаснуваше процесот како и временската рамка во која треба да завршат поединечни обврски. Дали дотогаш ќе биде завршено она што е неопходен услов за продолжување на преговорите – промена на Уставот, барем во овој момент изгледа нејасно. Не е ни јасно кога власта би почнала да го опипува пулсот кај пратениците од опозицијата за можна поддршка за вметнување на Хрватите, Бугарите и Црногорците во Уставот.

Маричиќ го објасни она што и многу пати беше кажано досега – дека скринигот во суштина е анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното законодавство со она на ЕУ.

Маричиќ истакна дека веќе 45 отсто од нашето законодавство е усогласено со европското и додаде дека постојано се зголемуваат капацитетите за превод на македонски јазик.

„Скринигот се состои од две фази. Објаснувачки скриниг каде Европската комисија на државата кандидати и ги презентира клучните правни акти за секое поглавје и билатерален скриниг каде земјата кандидат го презентираме го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство согласно со презентираните акти на  ЕУ за време на претходната фаза, но исто така и институционалните капацитети и спроведувањето на законите“, истакна Маричиќ.

Скринингот, објасни Маричиќ, ќе се одвива на ниво на шест кластери. Временската рамка за објаснувачкиот скрининг почнува во септември годинава. Олеснителна околност, објасни вицепремиерот, е што земјата веќе има поминато дел од објаснувачките активности во 2018 и 2019 година, по старата методологија. Во тој период биле презентирани околу 8.000 акти, а во процесот биле вклучени околу 2.000 лица од администрацијата.