Скопски Џез фестивал со изложба на плакати: Тие ни го зголемија угледот во светот


Вкупно 24 плакати ќе бидат претставени на изложба во рамки на Скопскиот џез фестивал. Креативните решенија за плакат според организаторите се најдобрите во историјата на фестивалот.

Тие ќе бидат изложени во понеделник (18 октомври) во Галерија МКЦ, во 19 часот.

Инспирација за оваа изложба бил плакатот на Славимир Стојановиќ Футро за годинешното, јубилејно, 40. издание на фестивалот. Куратор е Небојша Гелевски – Бане.

„Малку познат факт е дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (преку четириесет) на светските маркетиншки фестивали (вклучувајќи и „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан). Визуелниот идентитет на Скопскиот џез фестивал му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот. Не само со плакатите, туку и со видео клиповите (анимираните или оние работени на филмска лента), со монографиите, програмските каталози и со календарите – единствени во светот од тој тип“, велат од фестивалот.

Тие се заблагодаруваат на сите дизајнери и агенции со кои ја граделе визуелната историја на фестивалот.

Годинешниот 40. Скопски џез фестивал ќе се одржи од 20-24 октомври. И покрај евидентните предизвици, поради бројните ограничувања што ги донесе кризата со корона-вирусот, подготовката на програмата го имаше императивот за сочувување на високиот интернационален карактер на фестивалот и традицијата тој да го нуди најдоброто од џезот и импровизираната музика. Единаесет познати изведувачки имиња од САД, Куба, Европа и Македонија ќе одржат концерти во живо во салите на Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.

Фестивалот ќе го отвори супер-херојот на скандинавската џез сцена Матс Густафсон со свој специјален соло рецитал на саксофони. Од САД ни доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт Ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон. Од Данска, САД и Шпанија ни гостува квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните Шејк Сту. Еден од ексклузивитетите на јубилејното издание на Скопскиот џез фестивал е специјалниот проект „Ну Мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

 

Придружната програма на фестивалот годинава опфаќа и премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Aretha Franklin: Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”, како и настап на најпознатиот албански џез состав во моментов – AJS Quartet. Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на SJF Records – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и Светлост + одрон ритуал оркестра, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.