Скопје пулсираше во ритамот на светскиот диџеј Махмут Орхан (фото)

Организаторите ја исполнија најавата - продукција според светски стандарди, со звук и визуелна естетика што ретко се гледа на домашната музичка сцена


Фото: Intermezzo music rituals

Скопје навистина ја прослави Новата година пред сите! Викендов, „Борис Трајковски“ се претвори во епицентар на светската електронска сцена, носејќи уникатно арена-искуство во рамки на настанот „Mahmut Orhan – The Arena Experience“, во организација на Music Rituals. Долгоочекуваниот настап на еден од најпопуларните диџеи на денешницата, ги оправда сите очекувања, нудејќи му на Скопје ноќ за која долго ќе се зборува. 

Со својот препознатлив звук, кој спојува deep house, ориентални мотиви и модерна електро продукција, Махмут, создаде атмосфера во која седумилјадната публиката се препушти на ритамот од првата до последната минута.

Вечерта започна со програма на домашни изведувачи Anna Noodle и Danyel, Brancez и Lephonq, и странски изведувачи Stasi Sanlin и People Like Us, кои со своите сетови ја подигнаа енергијата пред главниот настап.

Настапот беше вистинско аудио-визуелно доживување со врвен моќен звук, впечатлива продукција и публика што без заддршка ја следеше секоја промена на битот. Скопје уште еднаш покажа дека знае да препознае и да ужива во светски електронски имиња!

Махмут Орхан зад себе има настапи на некои од најпрестижните светски фестивали и клубски сцени. За македонската публика, тој подготви специјално осмислен арена-сет, придружен со врвна продукција, впечатливи визуелни ефекти и целосно имерзивно аудио-визуелно доживување.  Организаторите ја исполнија најавата – продукција според светски стандарди, со звук и визуелна естетика што ретко се гледа на домашната музичка сцена.

Махмут Орхан е турски ди-џеј и музички продуцент. Роден е на 11 јануари 1993 година во Бурса, Турција. Тој е еден од најпрепознатливите артисти на современата електронска сцена.  Својата музичка кариера ја започнува уште како тинејџер, инспириран од електронската музика и локалната традиционална култура. Рано почнува да експериментира со продукција и ди-џеј сетови, а неговиот стил брзо се издвојува по емотивната длабочина и препознатливите вокални мелодии.

Големиот пробив на светската сцена доаѓа во 2016 година со ремиксот на песната „6 Days“ (оригинал на Colonel Bagshot). Песната станува светски хит, се искачува на топ-листите во многу земји и му носи меѓународна препознатливост. Овој успех го позиционира Орхан како едно од најперспективните имиња во електронската музика.

Тој е препознатлив по тоа што во својата музика вметнува ориентални и етно вокали, длабоки, мелодични бас линии, атмосфера која е истовремено клубска и емотивна. Меѓу неговите најпознати песни и соработки се Feel (feat. Sena Sener), Save Me, Without You и 6 Days. (Л.С.)