Скопје подготвено за музички спектакл: Диџеј Махмут Орхан на 26 декември во „Борис Трајковски“


На 26 декември, Скопје станува сцена на ексклузивен музички спектакл. Во Арена „Борис Трајковски“, од 19 часот, пред домашната публика ќе настапи светски познатиот турски ДЈ и продуцент Махмут Орхан, носејќи уникатно арена-искуство што ги спојува софистицираниот електронски звук и пулсирачката енергија на најдобрите светски клубови во рамки на настанот именуван како „Mahmut Orhan – The Arena Experience“, во организација на Music Rituals.

Препознатлив по спој на електронска музика, ориентални мотиви и длабоки мелодии, Орхан  зад себе има настапи на најпрестижните светски фестивали и арени. За македонската публика подготвува специјално креиран арена-сет, придружен со врвна продукција, впечатливи визуелни ефекти и целосно имерзивно аудио-визуелно доживување, какво што ретко се гледа на домашната сцена.

Овој настан ќе претставува кулминација на музичката година и уникатна можност Скопје да стане центар на регионалната електронска сцена во последните денови од декември. Целта е вечер исполнета со силна енергија, емоција и атмосфера што ги надминува границите на класичен концерт.

„Со овој проект сакаме да подигнеме нови стандарди за големи музички настани кај нас. Махмут Орхан е артист кој носи светска продукција и визија, а наша цел е публиката  да го доживее тоа на највисоко можно ниво“, истакнуваат од Music Rituals, тимот кој стои зад некои од најпрепознатливите електронски настани во земјата.