Скопје набавува повеќе од 40 возила за „Комунална хигиена“, се пофали Ѓорѓиевски – почнаа ли 72-та часа?
Официјално започна постапката за набавка на специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“, кои ќе донесат ред и достоинство во нашиот град, најавува утрово градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тендерската постапка која ја спроведува Министерството за транспорт во соработка со Светска банка е веќе распишана, а по завршување на сите правни процедури ќе започне и испораката на возилата.
– Покрај ова, денес на седницата на Советот на Град Скопје ќе биде усвоена и програмата за „Комунална хигиена“, со која градот обезбедува уште повеќе од десет нови камиони од сопствени средства. Ова значи дека во Скопје ќе пристигнат и ќе бидат ставени во функција повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата низ целиот град – додава Ѓорѓиевски.
Градоначалникот тврди дека ова е најголема набавка во последните 10 години, а како што вели, „за споредба, ова се случува за помалку од три месеци откако сум градоначалник, споредбено со осум години во минатото, кога биле набавени само четири возила“.
Во стилот на „топ-шоп“ рекламите Ѓорѓиевски продолжува: И ова не е крај, набавката на нови возила за потребите на претпријатието продолжува во континуитет. Проблемот со отпадот кој со години ги мачеше скопјани, заминува во историјата.
Смета дека Градот ќе располага со доволен број современи возила за да ја покрие секоја населба и секоја улица навремено, организирано и достоинствено, затоа што чист град значи здрав град, а здрав град – подобар живот за сите.
Сепак, мора да се нагласи дека овие возила отпадот ќе го одвезуваат до „Дрисла“, која ни оддалеку не е депонија по европски стандарди. Отпадот нема да се селектира или барем не системски. Ѓубрето ќе мора да го фрламе до 22 часот, во сѐ уште преполните контејнери, оти како што вчера се пофали Ѓорѓиевски веќе 60 скопјани се казнети со по 50 евра за фрлање отпад по 22 часот. Само што во тие контејнери фрламе сѐ, од амбалажа од храна, до остатоци и лушпи, хартија, пластика, лименки, тоалетна, играчки, облека, теписи, па и тоалетни школки, мебел, штици, потпирачи…