Скопје и Софија се подалеку од онаму каде што беа
Мицкоски вчера посредно потврди дека нема промена на Уставот, од официјална Софија го обвинија дека ги поткопува односите
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2022/11/bugarsko-MNR-nadvoresni.jpg)
Нема средби, но има влошување на односите, кои и онака е се лоши.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера посредно најави дека нема намера неговата влада да го поддржи впишувањето на Бугарите во Уставот, а од Софија промптно го обвинија дека ги поткопува напорите за градење добрососедски односи.
Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека изразува длабоко разочарување и категорично ги осудува последните изјави на Мицкоски, кои ја искривувале реалноста и ја поткопуваат европската интеграција на земјава.
Мицкоски на вчерашната седница за пратенички прашања од опозицијата, одговарајќи на прашање на лидерот на Левица, Димитар Апасиев за состојбата со Македонците во Албанија и дали нашата Влада ќе се заложи да се отвори македонски конзулат во Корча, рече дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари според бројките од пописот го нема тој услов.
Бугарското МНР вели дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу двете земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди.
Во таа насока оттаму велат дека напредокот во процесот на европска интеграција на земјава е можен само преку „целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ“.
„Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето нивна еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели и: „Сакаме да обрнеме внимание на фактот дека огромен број граѓани на Северна македонија се стекнаа со бугарско државјанство признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет“.
На крајот од соопштението, од Министерството за надворешни работи на Бугарија ги повикуваат властите во Скопје да се воздржат од реторика која, како што се наведува, поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата.
„Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, велат од бугарското МНР.
Премиерот Мицкоски, кој изрази подготвеност за средби со новата влада на Бугарија, претходно изјави дека засега нема ништо. Единствено рече дека е можна средбата на двајцата шефови на дипломатии за време на Минхенската безбедносна конференција. „Немаме намера по која било цена да одиме со главата во ѕид, нема по која било цена да потпишуваме сè што ќе ни биде ставено на маса. Имаме легитимитет од народот и мора да го слушаме народот. Политичари коишто не го слушаат народот завршуваат многу лошо“, рече Мицкоски.