Сиљановска се сретна Марк Руте и со врховниот командант на НАТО за Европа


 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на македонската држава на НАТО и колективната одбрана, посочувајќи дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста на сојузниците.

Таа ја потврди определбата за достигнување на целта за издвојувањето, согласно Хашкиот план, нагласувајќи дека континуирано вложуваме во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.

За неа, Коридорите 8 и 10 не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската унија, особено во контекст на воената мобилност.

Сиљановска-Давкова изрази задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способноста на Армијата да придонесува во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН.

Претседателката ја реафирмираше поддршката за Украина и потребата од континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош, во знак на сојузничка солидарност.

Таа во седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа, оствари средба со генерал Алексус Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа. Сиљановска на средбата укажа дека нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија, поради што се неопходни поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура.