Кос порача дека напредокот во преговорите зависи само од нас
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, преставувајќи ги извештаите за земјите кандидати за членство во Европскиот парламент , јасно кажа дека дали и колку ќе напредува Македонија во евроинтеграцијата не зависи од Брисел, ни од Софија – туку од Македонија самата. Таа потврди уште еднаш дека ЕК е подготвена да го отвори првото преговарачко поглавје веднаш штом Македонија го исполни условот од 2022 година, односно ги усвои уставните измени.
„Северна Македонија покажа посветеност на исполнување на реформите од Реформската агенда. Очекуваме да покаже иста решеност да го исполни условот за европскиот пат“, порача Кос најавувајќи дека ЕК ќе продолжи да не поддржува. Претходно Кос ја пофали Црна Гора како речиси сигурна следна земја членка на Европската унија порачувајќи дека таа е пример дека, кога има политичка волја – проширувањето се случува.
Надвор од тоа расправата во Комитетот за надворешни прашања се претвори во силна демонстрација на себичност на соседите на земјите кандидати за ЕУ, а пред се преку настапот на хрватската парламентарка од ХДЗ, Жељана Зовко, која ја „потсети“ Кос дека Црна Гора се уште не ги исполнила спорните барања на Загреб и дека не го споменала величењето на Ратко Младиќ по неговата смрт, покрај други прашања.
И, таа не беше единствена со ваков срамен настап, наспроти тие на парламентарци од Германија, Словенија и други земји кои го поздравија најавениот напредок во проширувањето. Унгарска парламентарка го спореше исполнувањето на малцинските права во Украина иако Киев веќе постигна договор со Будимпешта во ноември, тврдејќи дека војната не треба да биде изговор за недоволно права за малцинствата. Романски парламентарец пак бараше издвојување на Молдавија од Украина, за да оваа земја не биде жртва на блокадата на Украина од Унгарија. Грчки парламенарец дури побара од Кос да даде дефиниција што мисли кога вели „билатерално прашање“ ако засега и земја членка на ЕУ, која според него има право да бара почитување на некои стандарди.
Кос на овие препукувања одговори дека билатералните прашања „не се дел од преговорите за прием во ЕУ, но во исто време треба да бидат решени“, а конкретно за Македонија, дека слушнала од известувачот Томас Вајц дека се прават некои чекори со Бугарија и се надева дека ќе одат во вистински правец. За Украина таа силно тврдеше дека од ЕК бараат исто што и од секоја друга земја кандидатка и дека не е точно дека има некакви привилегии околу барањето за почитување на правата на малцинствата.
Ваквата расправа го намали значењето на фактот дека првпат по Хрватска – која патем кога влезе во ЕУ не исполнуваше многу услови од тие што се бараат сега и само што излезе од војна со список воени злосторници – една земја од Западен Балкан наскоро треба да влезе во ЕУ.
Што се однесува до Србија , иако немаше што да се каже позитивно се уште, Кос рече дека Брисел е подготвен да и помогне на новата влада во Белград да ги исполни условите и да продолжи со преговорите. Германска парламентарка, пак, порача дека треба да бидат пофлексибилни кон Србија и дека може да се случи наскоро да имаме пет „фронтранери“ место четири, нешто што никој не го навести ни одоколу за Македонија.
Инаку, во извештајот се наведува дека и натаму во српските медиуми и меѓу политичките функционери е присутен антиевропски наратив и дека погребот на Ратко Младиќ во септември 2026 година – на кој присуствуваа високи државни и воени претставници – придонел за негово величање на начин што е спротивен на вредностите врз кои се темели патот на Србија кон ЕУ.
Генерално Кос порача дека , наспроти критиките порано дека земјите не можат да отворат и затворат поглавја а не пак да влезат во ЕУ, сега се прави огромен чекор. Според неа, секоја од земјите кандидати, што ги подели на три групи (што се на пат до членство, што се во застој како Македонија и што назадуваат) може да се приклучи на првите, ако ги направи реформите и ги исполни условите што се бараат. Таа паралелно најави и формален дијалог со земјите кандидати за постепена интеграција која не исклучува членство, како и нивно вклучување во безбедносната структура на ЕУ, бидејќи се соочуваме со исти закани.
За Албанија таа рече дека рокот за затворање на поглавјата е 2027 година, но треба да се фокусира на одедени области, вклучувајќи ја и заштитата на животната средина, што покрена големи протести во земјата. За Украина и Молдавија рече дека се подготвуваат да ги отворат преостанатите преговарачки кластери, дека Молдавија си дала рок да ги затвори до 2028 година, со оценка притоа дека„ нема земја кандидат за членство што испорачува како Украина“ додека врз неа паѓаат бомби.
Холандскиот парламентарец Тијс Реутен рече дека ЕК не треба да се претвара дека работите во земјите кандидати се подобри од тоа што се и дека има вистински проблеми во нив, додека бугарскиот пратеник Ивајло Велчев праша кој ќе одговара ако има луѓе кои сакаат да бидат дел од ЕУ, но нивните влади не го спроведуваат тоа, ставајќи ги во контекст на деструктивните сили кои влијаат на евроскептицизмот и очигледно мислејќи на премиерот Христијан Мицкоски.
Известувачот за Македонија Томас Вајц реагираше околу блокадите на преговорите оценувајќи дека Црна Гора и Хрватска добро се справуваат околу билатералните прашања, бидејќи седнале на маса и ги решаваат. Според него имало огромен напор од Црна Гора да дојде до оваа фаза и сега не смее да се дозволи да биде спречена да влезе во ЕУ, бидејќи е добар пример за регионот во кој, како што рече, луѓето се чувствуваат девастирани. Ова според него може да биде пример и како да се реши спорот на Македонија со Бугарија, односно македонската и бугарската влада да седнат и да зборуваат за тоа, забележувајќи дека мотивацијата сега не е највисока кај нас.