Битка за лидерство во ВМРО-ДПМНЕ, дури и во Германија

Мицкоски објави дека имал средба со премиерот на Северна Рајна Вестфалија. Потоа и Тимчо Муцунски и Александар Николоски објавија дека се сретнале со него. Иако седеа покрај Мицкоски во македонската делегација


 

Пораките што преку Фејсбук стигнуваат од Диселдорф, од германската покраина Северна Рајна Вестфалија, може да изгледаат збунувачки, но во основа се комични. Премиерот Христијан Мицкоски таму е во неколкудневна посета. Со него во делегацијата се уште тројца министри: Александар Николоски (за транспорт), Тимчо Муцунски (за надворешни работи) и Сања Божиновска (за енергетика), плус луѓе од нивните кабинети.

Мицкоски денеска објави на фејсбук дека заедно со делегацијата се сретнал со покраинскиот премиер Хендрик Вуст (ЦДУ) и разговарале за нови германски вложувања во Македонија. Подоцна во друг пост објави дека компанијата „Гересхајмер“ планира нова инвестиција со Македонија. И тоа е стандардно околу информирањето за активностите на премиерот.

Меѓу двете негови објави двајца од неговите министри на Фејсбук објавија дека и тие се сретнале со Хендрик Вуст.

Прво министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, објавувајќи фотографии како се ракува со Вуст, соопшти (а тоа државната агенција МИА го пренесе):

„Во рамките на работната посета на Северна Рајна-Вестфалија, заедно со делегацијата предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, остварив средба со премиерот на покраината, Хендрик Вуст. Во фокусот беа политичкиот и економскиот дијалог, институционалната соработка, инвестициите, технолошкото поврзување и продлабочувањето на врските меѓу компаниите и институциите“. Па додаде: „Разговорите се надоврзуваат на интензивираниот дијалог од претходниот период и на заедничката декларација за намери за соработка 2026 – 2030, потпишана при мојата претходна посета на Диселдорф“.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, како да се почувствувал запоставен по овие две објави, па и тој соопшти дека се сретнал со Хендрик Вуст. Се разбира и тој, како и Тимчо Муцунски и Сања Божиновска, беше во салата каде што Мицкоски и Вуст ги водеа разговорите како шефови на делегациите. И Николоски на својот Фејсбук профил објави како се ракува со Вуст. И напиша и тоа го пренесе МИА (велејќи – остваривме, но не споменувајќи го Мицкоски):

„Во рамки на посетата на Германија, остваривме работна средба со Хендрик Вуст, премиер на сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија. Разговаравме за силната економска соработка како и за можностите за нови инвестиции во Македонија. Германските компании, како ‘Костал’, ‘Кромберг и Шуберт’, ‘ВИК’, ‘Гересхајмер’ и други реномирани инвеститори, се повеќе години присутни во државата и се значаен дел од македонското стопанство. Градиме силни партнерства“.

Ривалството некогаш може да биде корисно. Но вакво ривалство во можната битка за партискиот трон во 2029 (или пак за технички премиер пред следните избори) делува несериозно кога станува збор за двајца врвни членови на владата.

Претпоставуваме дека премиерот Мицкоски (или неговиот тим) гледа што прават неговите министри и како тие ја претставуваат посетата на делегацијата што тој ја предводи, како да се некакви „копретседавачи“. Секако дека и Николоски и Муцунски сакаат што е можно повеќе да извлечат медиумско внимание од разговорите во Северна Рајна Вестфалија и со нивните објави малку да се покрие кризата околу Алта банка Битола. Но, некои можат да кажат – што се случува во врвот на владата? Кој е, всушност, врвот. Или, кој сака да биде. (Н.В.)